• Дебелина и прекумерна телесна тежина – состојба или болест?

    Дебелина и прекумерна телесна тежина – состојба или болест?

    Маја Врчаковска, специјалист-интернист во ПЗУ „Центар за внатрешни болести Срце“, повеќе од 6 години е дел од стручниот интернистички тим на „Срце“. Taa ужива во својата работа, ја сака и почитува медицината и за себе вели дека доколку повторно би се родила би ја избрала истата професија. Стручноста, довербата и грижата за човечкиот живот се и нејзин заштитен знак, па затоа со право претставува десна рака на д–р Горан Николов. Нејзино мото и водилка во животот е „Однесувај се кон луѓето онака како што сакаш да се однесуваат кон тебе“, а на сите ни порачува „Ти си тоа што јадеш“. Овој пат со неа разговараме на тема дебелина.

    Дебелината и прекумерната телесна тежина означуваат зголемена акумулација на масно ткиво.

    Дебелината повеќе не претставува само естетски проблем како резултат на прејадување или недостиг на самоконтрола. Светската здравствена организација (СЗО) денес дебелината ја смета за хронична прогресивна болест како резултат на мултипли генетски и фактори на околината.

    Околу 500 милиони возрасни во светот страдаат од дебелина, еден билион се со прекумерна телесна тежина, меѓу кои 48 милиони се деца. Всушност, вкупната човечка маса во светот е значително зголемена.

    Зошто се дебелееме? Зошто дебелината и прекумерната телесна тежина се во пораст?

    – Секој од нас познава по некој човек кој во изобилство консумира сладоледи, торти и сè што ќе му дојде на памет, а сепак нема проблем со тежината. Друга крајност се луѓето кои се дебелеат иако јадат малку. Зошто е тоа така? Која е причината поради која се дебелееме?

    Многу едноставно објаснување би било дека нашата телесна маса зависи од бројот на калории кои ги внесуваме, колку од нив складираме и колку трошиме. Но секој од овие фактори е под влијание на комбинацијата на гените и околината, т.е начинот на живот. Овие два фактора имаат влијание на нашата физиологија (како на пример, колку брзо ќе ги потрошиме калориите), како и нашето однесување (пр. каква храна консумираме). Влијанието на овие два фактора стапува во сила уште во моментот на нашето зачнување и продолжува низ целиот наш живот.

    Постојат повеќе од 400 различни гени одговорни за дебелината или прекумерната телесна тежина. Гените придонесуваат така што имаат влијание врз апетитот, ситоста, метаболизмот, силен нагон за одредени храни, распределба на масното ткиво и тенденција храната да се користи како утеха при стрес.

    Што се тоа „штедливи“ гени? Порано кога немало улов на животни или немало жетва, како преживувале нашите претци без извор на храна? Оние кои биле способни да складираат масно ткиво во телото преживувале за разлика од оние кои не можеле да складираат масти. Оваа еволуциона адаптација објаснува дека повеќето луѓе денес (околу 85% од нас) носат т.н. „штедливи“ гени кои ни помагаат да складираме енергија и масти. Се разбира денес овие гени се повеќе проклетство отколку благослов. Храната не само што ни е насекаде достапна, туку ние и не мора да ја ловиме или береме. Напротив, луѓето со силна генетска предиспозиција за обезност може да не успеваат да загубат тежина со вообичаени диети и физичка активност. Дури и да загубат килажа, тешко можат да ја одржат. Типично, овие луѓе имаат потреба од препораки од стручно лице како лекар и нутриционист.

    Генетските фактори се внатрешната сила која ни помага да се дебелееме, а факторите од околината се надворешната сила која придонесува дополнително за овој проблем. Тука спаѓаат сите фактори од средината кои доведуваат до тоа да јадеме премногу или да вежбаме премалку. Затоа експертите сметаат дека факторите од средината се движечката сила која го објаснува драматичниот пораст на дебелината. Шеќерната индустрија со моќни маркетиншки трикови ни го одвлече вниманието од јаглехидратите и воопшто шеќерите и ни го насочи кон мастите.

    Денес уште од детска возраст консумираме храна која е висококалорична, процесирана, без хранливи материи. Во храната во која наводно „нема шеќер“ има вештачки засладувач, храната која е „без холестерол“ или „со ниска масленост“ е збогатена со шеќери, млечните ферментирани производи се со додаток на растителни масти (трансмасти) кои се канцерогени, како и додаток на скроб. За разлика од храните со низок гликемиски индекс (храни кои споро го качуваат шеќерот во крвта) какви што се полнозрнест леб, леќа, боранија и сл., храната со висок гликемиски индекс како слатки, бели тестенини, компир, ориз и сл. нагло го зголемува шеќерот во крвта и стимулира глад и силен нагон за храна што доведува до прејадување.

    Но дали сите калории се исти? Храната богата со јаглехидрати со висок гликемиски индекс доведува до успорување на метаболизмот споредено со храна богата со масти и протеини, па така луѓето трошат помалку енергија кога консумираат ист број калории.

    Од друга страна, пак, движењето ни е сведено на минимум. Тргнете од фактот дека зад секој агол има маркети за храна или со возило се одвезуваме до најблискиот супермаркет и паркираме што е можно поблиску до влезот. Во домот имаме достапна апаратура како машини за садови, перење на облека и сл., сè со цел да ни се олесни животот. Во просек секој човек поминува околу 4 часа пред телевизор, па нормално со толку развиена филмска индустрија и сериски филмови за кои едвај чекаме да дознаеме што ќе се случи во следната епизода. Сè повеќе постојат докази дека начинот на кој живееме – колку спиеме, нивото на стрес и други физиолошки фактори – придонесуваат за дебелеење.

    Зошто дебелината денес се смета за болест? Како таа влијае на нашето тело и врз здравјето?

    – Дебелината и прекумерната тежина, особено стомачниот тип на дебелеење, доведуваат до таканаречен метаболен синдром, проблем со кој ние лекарите секојдневно се соочуваме. Всушност, исто е дали еден човек е дебел или има прекумерна телесна тежина со поголем обем на стомакот и тоа >102 см кај мажите, >88см кај жените. Стомачниот тип на дебелина се смета дека има клучна улога во појава на метаболен синдром. Се смета дека 46% од луѓето со стомачен тип на дебелина ќе развијат метаболен синдром во наредните 5 години. Метаболниот синдром е збир од повеќе состојби – покачен шеќер во крвта, зголемени масти околу стомакот, покачени маснотии во крвта и/или покачен крвен притисок кои заедно го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, а последиците од овие болести се инфаркт, мозочен удар, бубрежна слабост и тн. Други патолошки последици на дебелината се ноќна апнеа, белодробни болести, карцином (и тоа најчесто на дебелото црево, на дојки, грло на матка, јајчници), рефлуксна болест, проблеми со остеоартикуларен систем (проблеми со колена, колкови, рбетен столб), камчиња во жолчното кесе, панкреатитис, гестациски дијабетес (дијабетес во бременост), покачен крвен притисок во бременост, стерилитет и др.

    Како се лекува дебелината? Што значи зборот диета? Дали се доволни само смален внес на калории и зголемена физичка активност?

    – Дебелината и прекумерната телесна тежина се третираат со режим на исхрана и физичка активност, а некогаш неопходна е и медикаментозна терапија. Поимот диета всушност означува правилен начин на исхрана кај одредени здравствени состојби, како на пример: диета кај дијабетес, диета кај болни од хронично воспаление на панкреасот, диета за хронично воспаление на желудникот. Многу често поимот диета“ луѓето го поистоветуваат со гладување т.е. смален внес на калории и најчесто прескокнување на оброци. Гладувањето со цел загуба на телесна тежина може да биде контрапродуктивно, т.е може да доведе до прогресија на дебелината. Често во пракса сретнуваме пациенти кои даваат податок дека откога почнале да „држат диета“ прогресивно ја зголемуваат килажата, или најчесто велат „ништо не јадам, а се дебелеам“.

    Кога луѓето започнуваат да гладуваат најпрво доаѓа до загуба на мускулна маса зашто мускулното ткиво е првата резерва која организмот ја троши при гладување. Потоа се јавува биолошки одговор кој долго потоа перзистира и доведува до зголемување на телесната тежина. Еден од ваквите биолошки одговори е балансот на енергија. Кога човек не јаде, организмот „мисли“ дека гладува и ја намалува потрошувачката на енергија (се намалува базалниот метаболизам) со цел да се зачуваат калории.

    Тогаш се јавуваат долготрајни промени во регулаторите на апетитот кои ја зголемуваат желбата за храна и количината на храна која може да биде консумирана. Се јавува позитивен енергетски баланс и враќање на килограмите, па дури и повеќе од претходно. Исто така се намалува искористувањето на мастите како гориво и се зголемува капацитетот на мастите кои не биле складирани да се складираат како резерви.

    Дали сметате дека децата имаат доволна и соодветна едукација за здрава исхрана и доволно физичка активност? Кога да се започне со едукација?

    – Едукацијата почнува од детската возраст, но треба да се поткрене свеста за сериозноста на дебелината како болест и најпрво да се едуцираат родителите и воспитувачите во градинките, училиштата, да се ангажираат дипломирани нутриционисти кои ќе воспостават стандарди за исхрана. Работната програма на воспитувачите и учителите да вклучува час посветен на нутриционизмот. Најтешко е на родител да му ја кажеш вистината, дека неговото дете е дебело, но ние не би биле лекари доколку не би го советувале и соочиле човекот во чии раце лежи клучот за здравјето на неговото дете. Дебелината и прекумерната телесна тежина особено во вулнерабилниот период-пубертетот може да остават трајни психички последици како смалена самодоверба, срам, асоцијалност поради исмевање од врсниците. Тука е веќе неопходен ангажман од стручни лица-психотерапевти заедно со родителите или старателите.

    Сè додека епидемијата од дебелина и прекумерна телесна тежина не се сфати сериозно на глобално ниво, во опасност сме да загубиме многу од придобивките и напредокот во лекување на кардиоваскуларните и другите хронични болести. Бидејќи малите нешта ја започнаа оваа епидемија, така малите промени во животните навики ќе помогнат да се вратиме назад. Дури и малите промени во животниот стил бараат мотивација, ако луѓето сфатат колку сериозен проблем е оваа епидемија, ќе преземат мерки.

    Кои се вашите препораки за здрави животни навики?

    – Денот започнете го со млака вода со лимон со цел да го алкализирате телото. Никогаш, ама баш никогаш не го прескокнувајте доручекот, а истиот нека биде кралски со цел да имате енергија до следниот оброк. Не грицкајте помеѓу оброци, а слатките нека не ви бидат секојдневие. Не ја прескокнувајте вечерата. Во неделата одвојте барем 5 дена по 30-тина минути за физичка активност, доволно е само брзо одење или велосипед. Викендите или слободното време поминувајте го на чист воздух.

    Доколку со овие мерки не успеете побарајте стручен совет од лекар, нутриционист и тренер. Верувајте, секогаш има причина за вашиот неуспех, а тие ќе ви кажат каде грешите. И најважно е да не се откажувате кога сте на режим на исхрана и кога забележувате дека немате брзи резултати. Килограмите сте ги зголемиле за подолг период, па подолг период ќе ви биде неопходен за посакуваниот резултат. Брзите диети се погубни. Трпение, храната и физичката активност нека ви бидат лек.

    Каков е успехот на пациентите со прекумерна телесна тежина кои се обратиле во Центарот за внатрешни болести „Срце“ за помош?

    – Единствено во „Срце“ работиме со лиценца за Хроно исхрана, во тимот се вклучени дипломирани нутриционисти, а пациентите се под лекарска контрола, па затоа и успехот е огромен и резултатите се очигледни. Правиме метаболна проценка, а некогаш кога е неопходно и хормонални испитувања и ординираме соодветна терапија и суплементи. Во Центарот за внатрешни болести „Срце“ тимската работа е клучот за успех.