Кардиоваскуларни болести.

КАРДИОЛОГИЈА

Кардиологијата ги изучува и лекува кардиоваскуларните болести. Во Центарот за внатрешни болести „Срце“ нудиме најсовремените тестови и прегледи кои помагаат при дијагностицирање и лечење на срцевите заболувања.

Кардиолошки испитувања и услуги:

  • кардиолошки субспецијалистички преглед
  • ехокардиографија со колор Доплер
  • стрес тест
  • Доплер на крвни садови (каротиди)
  • 24 часовен ЕКГ мониторинг – Холтер
  • 24 часовен АБП – Холтер за притисок
  • консултации, советување, давање терапија, превентивни прегледи, второ мислење

 

Неколку факти за кардиоваскуларните болести

Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смртност во светот: повеќе луѓе умираат годишно од кардиоваскуларни болести (КВБ) отколку од било која друга болест. Се проценува дека 17.5 милиони луѓе во светот умреле од КВБ во 2005 година, што претставува 30 % од вкупната смртност во светот, од нив 7.6 милиони го загубиле животот заради коронарна артериска болест, а 5.7 милиони заради мозочен удар. Преку 80 % од смртните исходи се регистрирани во ниско развиените земји и земјите во развој при што поеднакво се застапени и мажите и жените.

До 2015, скоро 20 милиони луѓе го загубиле животот од кардиоваскуларни болести, главно од срцеви болести и мозочен удар. Ова се проектирани бројки од Светската здравствена организација (СЗО) при што се очекува КВБ да останат водечка причина за смрт во светот.

Причините за кардиоваскуларните болести се утврдени и добро познати. Најзначајни причини за КВБ се нездрава диета, физичка неактивност и пушење. Ова се т.н. „ модифицирачки фактори“ т.е. фактори кои можат да модифицираат. Ефектите од нездравиот начин на исхрана и физичката неактивност може да се манифестираат преку покачен крвен притисок, зголемено ниво на шеќер во крвта, покачени маснотии, прекумерна телесна тежина и гојност.

Главните „модифицирачки“ фактори се одговорни за околу 80% од случаите на коронарна артериска болест и цереброиваскуларна болест. Исто така, не помалку важни детерминанти кои го одредуваат настанокот на кардиоваскуларните болести, се големите придвижувачки сили на социјалните, економските и културните промени во светот: глобализацијата, урбанизацијата и стареењето на популацијата, сиромаштијата и стресот.

Со оглед на погоре изнесните факти за кардиоваскуларните болести како водечка причина за смртност во светот и за нивните причини кои се тесно поврзани со начинот на живот, најмалку што можете да направите за себе е кардиолошки преглед со цел превенција и рано откривање на овие заболувања дури и кога не постојат симптоми на болест.

Кардиолошкиот преглед вклучува испитувања кои се однесуваат на проценка на состојбата на Вашето срце и крвните садови како и откривање на можните фактори на ризик за кардиоваскуларни болести. Детални лабораториски анализи, ЕКГ – електрокардиографија, мерење на крвен притисок, колор доплерехокардиографија, тест на оптеретување (ергометрија) и останати испистувања овозможуваат детална проценка на состојбата и капацитетот на срцевосадовниот систем на секој поединец.

Електрокардиографија или скратено ЕКГ претставува иницијална и рутинска дијагностичка алатка за проценка на електричната активност на срцето овозможувајќи му на лекарот сознанија за срцевиот ритам, големината и функцијата на срцевиот мускул и срцевите комори и преткомори. При тоа може да се детектира постоење на аритмија (неправилна работа на срцето), недостаточна крвоснабденост на срцето (ангина пекторис), оштетување на срцето поради инфаркт, зголемување на срцевите димензии и др.

Испитувањето се изведува со поставување на 12 засебни електроди (мали пластични лепенки) на специфични места на кожата на градниот кош, рацете и нозете на пациентот додека пациентот е во легната положба. Тестирањето го изведува медицинска сестра, техничар или лекар, трае околу 1 минута, а при тоа пациентот не чувствува ништо.

Ултразвучен преглед на срцето и вратните артерии (каротиди) овозможува увид во внатрешноста на срцето и крвните садови. Така може директно да се видат атеросклеротските промени, да се оцени степенот на затнување на крвните садови или евентуални неправилности на изгледот и работата на срцевиот мускул.
Со помош на резулатите од споменатите испитувања може да се оцени степенот на ризик за појава на заболувања на срцевите крвни садови, мозокот и екстремитетите.

Заедно со пациентот се изготвува стратегија за спречување на појава и/или напредување на срцевосадовните заболувања. Кај секој поединец се проценува можноста за промена на животниот стил. Се обидуваме да ги отстраниме факторите на ризик кои произлегуваат од досегашните навики или начин на живеење на пациентот. Доколку е потребно, се договараме за користење на лекови за спречување или лекување на кардиоваскуларните болести.

Во случај кога иследувањата покажуваат сомнеж за поголема оштетеност на срцевите коронарни артерии, а со тоа опасност од срцев удар во блиска иднина, ќе се обидеме што поскоро во болница да обезбедиме понатамошни испитувања кои би овозможиле конечно решение на стеснетите коронарни садови.

Ехокардиографија е ултразвучен преглед на срцето. Денеска тоа е рутинска метода во дијагностиката на срцевите заболувања. Овозможува визуелно претставување на срцевите структури и функција.

Апаратот за ехокардиографијата преку посебни пиезоелектрични сонди, емитува ултразвични бранови во телото. Истата сонда делува и како приемник на одбиените бранови, а пак тие се обработуваат во апаратот во форма на ултразвучна слика на срцето која може да се види на екран. Сликата може да биде еднодимензионална, дводимензионална или доплерска.

Последната овозможува истовремено претстатување на поединечните структури и течењето на крвта низ срцевите простори и залистоци. Крвната струја може да се слуша и да биде прикажана во боја на екранот.

Со помош на неа лекарот добива увид во: структурата на срцевите ѕидови и срцевите залистоци, ширината на срцевите ѕидови, големината на срцевиот простор, способноста и силата на дејствување на срцевиот мускул. Така може да се откријат и следат следните болести:

• болести на срцевите залистоци
• присуство на тромб во срцето
• проценка на работата на вештачки срцеви залистоци
• болести на срцевиот мускул
• неправилност на срцевите ѕидови или аортата
• присуство на течност во срцевата кеса

Ултразвучната сонда се поставува на градниот кош, пред тоа се нанесува гел кој ни овозжува подобар пренос на ултразвучните бранови во телото. Горниот дел на телото на пациентот е малку подигнат, а левата рака е истегната над главата. Лекарот за време на прегледот ја насочува ултразвучната сонда кон различни делови на срцето со цел да се добие подобар приказ на сите срцеви структури.

Овој начин на испитување подразбира следење на електрокардиограмот за време на физичко оптеретување. Електрокардиограмот (ЕКГ), е запис на електричната активност на срцето во форма на крива линија и е резултат на течењето на електричните импулси во срцевиот мускул.

ЕКГ записот за време на оптеретувањето го добиваме на ист начин како и основниот ЕКГ во мир, само што овде е потребна физичка активност на пациентот, за таа цел се употребува ерговелосипед (или подвижна лента), при што интензитетот на оптеретувањето прогресивно се зголемува. Со тестот на оптеретување ја проценуваме физичката способност и промените кои настануваат за тоа време на кардиоваскуларниот апарат. Така може да се откријат и следат следните болести:

• коронарна артериска болест
• покачен крвен притисок при оптеретување
• аритмии на срцето при оптеретување
• процена на успешноста на лекувањето на покачен крвен притисок или коронарна болест
• оценка на степенот на можно оптеретување после инфаркт на срцето или операција на срцето

Пред тестирањето се снима ЕКГ во мирување. После тоа пациентот се оптеретува со возење на ерговелосипед, при што секои две минути се зголемува оптеретувањето (отпорот во педалите) и автоматски се мери крвниот притисок, а за цело време се мониторира ЕКГ записот. После оптертувањето следи фаза на 3-5 минутно опоравување за кое време истотака се опсервира пациентот. Цел на тестот е постигнување на максимална фреквенција на срцето (која е индивидуална и одговара на здравствената состојба на поединецот), бидејќи само во тој случај може да се одреди прецизна дијагноза.

Каротидните артерии се две големи артерии сместени во вратот, кои што го снабдуваат најголемиот дел од мозокот со крв. На ѕидовите во нивната внатрешност може да дојде до формирање на атероматозни масни наслаги кои што го попречуваат нормалното крвоснабдување на мозокот. Мали делчиња од наслагите можат да бидат откачени и понесени со крвната струја во артериите на мозокот каде што предизвикуваат блокада или прекин на дотурот на крв во одредени делови на мозокот што резултира со мозочен удар или ТИА (транзиторни исхемични атаки)-мали мозочни удари.

Доплерот на каротидните артерии е неинвазивен метод за проценка на степенот на затнување на овие артерии со евентуалните присутни масни наслаги. Тестирањето се изведува со сонда која се поставува на вратот и со помош на ултразвучни бранови кои ги емитува и прима сондата, на мониторот се создава слика на ѕидовите од артериите и се покажува дали и колку тие се задебелени со присуство на масни наслаги.

Болестите на бубрезите можат да бидат причина за покачен крвен притисок или пак да бидат последица на покачениот крвен притисок. За таа цел со помош на ултразвучно испитување на бубрежните артерии се испитува дали е присутна или не е присутна стеноза или стеснување на крвните садови на бубрезите која би можела да биде причина за појава на покачен крвен притисок.

Холтер мониторот е мал, портабилен ЕКГ апарат кој го снима срцевиот ритам за период од 24 часа. 7 мали елекетроди се прилепуваат на градниот кош и на торзото на пациентот и се поврзани со жици со мал портабилен ЕКГ рекордер (со големина на мобилен телефон) кој се носи на каиш околу појасот, а пациентот при тоа си ги извршува сите редовни и секојдневни обрвски со исклучок на туширање, пливање, капење или други активности кои предизвикуваат екцесивно потење.

Се користи со цел утврдување на постоење на неправилности во срцевиот ритам (аритмии) кои неможат да бидат снимени на рутински ЕКГ бидејќи аритмиите понекогаш може да бидат транзиторни и да бидат видливи само при подлоготрајно снимање на срцевата активност.

Крвниот притисок кој што се мери во ординација, генерално претпоставуваме дека го претставува Вашиот ,,вистински“ крвен притисок, или просечно ниво во еден временски период. Но, ова не е секогаш случај: многу луѓе стануваат напнати и нервозни кога одат на лекар, па нивниот крвен притисок се покачува. Овој феномен се нарекува ,,хипертензија условена од бел мантил“. 24 часовниот (или амбулаторен) мониторинг, претставува техника која што овозможува мерење на крвниот притисок надвор од лекарската ординација за време на 24 часовни нормални актвности на пациентот.

Холтер-мониторот е со големина на вокмен и се носи закачен на каиш околу појасот. Преку тенко гумено црево е поврзан со манжетната поставена околу раката. Може да биде програмиран на различни временски интервали да го мери притисокот, вообичаено секои 30 минути преку ден, 45-60 минути преку ноќ. Целосно е автоматизиран, што значи сам ја пумпа манжетната, го мери притисокот и ги меморира вредностите во својата меморија. За време на мерењето пациентот треба да ја држи раката мирно со цел правилно мерење. После 24 часа, холтерот се демонтира и податоците се трансферираат во компјутер за понатамошна обработка.