ЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА

1. Како да закажам преглед?

Прегледите и дијагностичките процедури се изведуваат по претходно закажување на телефоните +389 2 3217 016, +389 71 319 208 или по електронски пат на е-поштата: srce@srce.com.mk, oд понеделник до четврток од 08.00 до 19.00, петок од 08.00 до 18.00 часот, како и во сабота од 08.00 до 13.00 часот.

Неработни денови се недела и државните празници.

2. Како да се подготвам за преглед?

Со цел подобро да се запознаеме со медицинската историја на пациентот при прегледот пожелно е да се приложат документи од евентуални претходни прегледи (РТГ, КТ, УЗ, МР…) и лабораториски испитувања, како и медицинска документација од евентуално претходно болничко лекување.

Доколку испитувате крвна слика рано наутро (за испитување на голем број на параметри), најдобро е тоа да биде на гладно и последниот оброк да биде во 18.00 часот претходната вечер. Дозволено е да се пие вода.

3. Што вклучува кардиолошкиот преглед?

Кардиолошкиот преглед вклучува испитувања кои се однесуваат на проценка на состојбата на Вашето срце и крвните садови како и откривање на можните фактори на ризик за кардиоваскуларни болести. Детални лабораториски  анализи, ЕКГ – електрокардиографија, мерење на крвен притисок, колор доплерехокардиографија, тест на оптеретување (ергометрија) и останати испистувања овозможуваат детална проценка на состојбата и капацитетот на срцевосадовниот систем на секој поединец.

4. Што е ехокардиографија, како делува и како се одвива тестирањето?

Ехокардиографија е ултразвучен преглед на срцето. Денеска тоа е рутинска метода во дијагностиката на срцевите заболувања. Овозможува визуелно претставување на срцевите структури и функција.

Апаратот за ехокардиографијата преку посебни пиезоелектрични сонди, емитува ултразвични бранови во телото. Истата сонда делува и како приемник на одбиените бранови, а пак тие се обработуваат во апаратот во  форма на ултразвучна слика на срцето која може да се види на екран. Сликата може да биде еднодимензионална, дводимензионална или доплерска.

Последната  овозможува истовремено претстатување на поединечните структури и течењето на крвта низ срцевите простори и залистоци. Крвната струја може да се слуша и да биде прикажана во боја на екранот.

5. Зошто служи ехокардиграфијата и како се изведува ехокардиографскиот преглед?

Со помош на неа лекарот добива увид во: структурата на срцевите ѕидови и срцевите залистоци, ширината на срцевите ѕидови, големината на срцевиот простор, способноста и силата на дејствување на срцевиот мускул. Така може да се откријат и следат следните болести:

  • болести на срцевите залистоци
  • присуство на тромб во срцето
  • проценка на работата на вештачки срцеви залистоци
  • болести на срцевиот мускул
  • неправилност на срцевите ѕидови или аортата
  • присуство на течност во срцевата кеса

Ултразвучната сонда се поставува на градниот кош, пред тоа се нанесува гел кој ни овозжува подобар пренос на ултразвучните бранови во телото. Горниот дел на телото на пациентот е малку подигнат, а левата рака е истегната над главата. Лекарот за време на прегледот ја насочува ултразвучната сонда кон различни делови на срцето со цел да се добие подобар приказ на сите срцеви структури.

6. Што е Тест на оптеретување (коронарен стрес тест)?

Овој начин  на испитување подразбира следење на електрокардиограмот за време на физичко оптеретување. Електрокардиограмот (ЕКГ), е запис на електричната активност на срцето  во форма на крива линија и е резултат на течењето на електричните импулси во срцевиот мускул.

Како се изведува тестот на оптеретување и зошто служи тестирањето?

ЕКГ записот за време  на оптеретувањето го добиваме на ист начин  како и основниот ЕКГ во мир, само што  овде е потребна физичка активност на пациентот, за таа цел се употребува ерговелосипед (или подвижна лента), при што интензитетот на оптеретувањето прогресивно се зголемува. Со тестот на оптеретување ја проценуваме физичката способност и промените  кои настануваат за тоа време на кардиоваскуларниот апарат. Така може да се откријат и следат следните болести:

  • коронарна артерсика болест
  • покачен крвен притисок при оптеретување
  • аритмии на срцето при оптеретување
  • процена на успешноста на лекувањето на покачен крвен притисок или коронарна болест
  • оценка на степенот на можно оптеретување после инфаркт на срцето или операција на срцето

Пред тестирањето се снима ЕКГ во мирување. После тоа пациентот се оптеретува со возење на ерговелосипед, при што секои две минути се зголемува оптеретувањето (отпорот во педалите) и автоматски се мери крвниот притисок, а  за цело време се мониторира ЕКГ записот. После оптертувањето следи фаза на 3-5 минутно опоравување за кое време истотака се опсервира пациентот. Цел на тестот е постигнување на максимална фреквенција на срцето (која е индивидуална и одговара на здравствената состојба на поединецот), бидејќи само во тој случај може да се одреди прецизна дијагноза.

7. Што претставува Доплер на каротидни артерии и како се одвива тестирањето?

Каротидните артерии се две големи артерии сместени во вратот, кои што го снабдуваат најголемиот дел од мозокот со крв. На ѕидовите во нивната внатрешност може да дојде до формирање на атероматозни масни наслаги кои што го попречуваат нормалното крвоснабдување на мозокот. Мали делчиња од наслагите  можат да бидат откачени и понесени со крвната струја во артериите на мозокот каде што предизвикуваат блокада или прекин на дотурот на крв во одредени делови на мозокот што резултира со мозочен удар или ТИА (транзиторни исхемични атаки) – мали мозочни удари.

Доплерот на каротидните артерии е неинвазивен метод за проценка на степенот на затнување на овие артерии со евентуалните присутни масни наслаги. Тестирањето се изведува со сонда која се поставува на вратот и со помош на ултразвучни бранови кои ги емитува и прима сондата, на мониторот се создава слика на ѕидовите од артериите и  се покажува дали и колку тие се задебелени со присуство на масни наслаги.

8. Што се испитува со Доплер на ренални артерии?

Болестите на бубрезите можат да бидат причина за покачен крвен притисок или пак да бидат последица на покачениот крвен притисок. За таа цел со помош на ултразвучно испитување на бубрежните артерии се испитува дали е присутна или не е присутна стеноза или стеснување на крвните садови на бубрезите која би можела да биде причина за појава на покачен крвен притисок.

9. Што е 24 часовен ЕКГ мониторинг ХОЛТЕР и како се изведува испитувањето?

Холтер мониторот е мал, портабилен ЕКГ апарат кој го снима срцевиот ритам за период од 24 часа. 7 мали елекетроди се прилепуваат на градниот кош и на торзото на пациентот и се поврзани со жици со мал портабилен ЕКГ рекордер (со големина на мобилен телефон)  кој се носи на каиш околу појасот, а пациентот при тоа си ги извршува сите редовни и секојдневни обрвски со исклучок на туширање, пливање, капење или други активности кои предизвикуваат екцесивно потење.

Се користи со цел утврдување на постоење на неправилности во срцевиот ритам (аритмии) кои неможат да бидат снимени на рутински ЕКГ бидејќи аритмиите понекогаш може да бидат транзиторни и да бидат видливи само при подлоготрајно снимање на срцевата активност.

10. Што е 24 часовен мониторинг на крвниот притисок АБП – ХОЛТЕР?

Крвниот притисок кој што се мери во ординација, генерално претпоставуваме дека го претставува Вашиот ,,вистински“ крвен притисок, или просечно ниво во еден временски период. Но, ова не е секогаш случај: многу луѓе стануваат напнати и нервозни кога одат на лекар, па нивниот крвен притисок се покачува. Овој феномен се нарекува ,,хипертензија условена од бел мантил“. 24 часовниот (или амбулаторен) мониторинг, претставува техника која што овозможува мерење на крвниот притисок надвор од лекарската ординација за време на 24 часовни нормални актвности на пациентот.

Холтер – мониторот е со големина на вокмен и се носи закачен на каиш околу појасот. Преку тенко гумено црево е поврзан со манжетната поставена околу раката. Може да биде програмиран на различни временски интервали да го мери притисокот, вообичаено секои 30 минути преку ден, 45-60 минути преку ноќ. Целосно е автоматизиран, што значи сам ја пумпа манжетната, го мери притисокот и ги меморира вредностите во својата меморија. За време на мерењето пациентот треба да ја држи раката мирно со цел правилно мерење. После 24 часа, холтерот се демонтира и податоците се трансферираат во компјутер за понатамошна обработка.

11. Како се изведува гастроскопија?

Пред прегледот ќе Ви биде анестезирана устата и голтникот со локален анестетик, и ќе Ви биде даден седатив со цел да бидете релаксирани за време на прегледот, а во устата заради заштита на гастроскопот ќе Ви биде ставен усник (специјална цуцла). Ќе лежите на левиот бок, и во таа положба ќе биде воведен гастроскопот. Поради подобра прегледност во тек на прегледот низ каналот на ендоскопот ќе биде инсуфлиран воздух, па постои можност да почувствувате лесна напнатост на стомакот. За цело време на прегледот можете нормално да дишете, нема да чувствувате болки, можна е само надразнетост на голтникот и нагон за повраќање. Зафатот обично трае 5-10 минути. Голем дел од пациентите го сметаат прегледот само за лесно нелагоден, додека пак многу други дури заспиваат за време на процедурата.

12. Зошто се прави гастроскопија?

Гастроскопијата ќе му овозможи на Вашиот лекар да ги евалуира симптомите на постојана горно стомачна болка, гадење, повраќање, и/или отежнато голтање. Гастроскопијата претставува одличен тест за откривање на причините за крвавење од горните делови на системот за варење, исто така е многу попрецизна метода од РТГ снимањето за откривање на воспаление, евентуално постоење на улцерации (чиреви) и тумори на храноводникот, желудникот и дванаесетпалечното црево.

Исто така за време на прегледот лекарот може да земе и мал примерок од ткивото (биопсија), која ќе му помогне да направи диференцирање помеѓу бенигни и малигни (канцерозни) промени на ткивото.

Но, запоменете дека биопсиите може да бидат земени и од многу други причини, дури и тогаш кога нема воопшто сомнение за постоење на карцином, на пр. за тестирање на постоење на Helicobacter pylori, бактерија која предизвикува чир. Понекогаш оваа процедура покрај дијагностичка може да биде и терапевтска со цел директен третман на одредени болести.

13. Како треба да се подготвите за гастроскопски преглед?

Најдобар и најбезбеден преглед се изведува на празен стомак, па така најпрепорачливо е ништо да не јадете и пиете (освен вода) околу 6 часа пред прегледот. Лекарот ќе Ви каже кога да почнете да се воздржувате од храна. Пожелно е да му кажете на лекарот за сите лекови кои евентуално ги земате, заради евентуална модификација на дозите на лековите, да соопштите за можни алергии на лекови, како и за можни здравствени проблеми со срцето и/или белите дробови. Исто така информирајте го лекарот за евентуална потреба од примање на антибиотици при стоматолошки процедури, бидејќи може да постои потреба да примите доза на антибиотици и при гастроскопијата.

14. Што се случува после гастроскопијата?

После завршувањето на прегледот ќе бидете надгледувани се до исчезнувањето на ефектите од медикаментите. Можно е да имате лесна нелагодност во грлото, како и лесна надуеност на стомакот заради воздухот кој Ви бил инсуфлиран во стомакот. Ќе можете да јадете веднаш по прегледот освен ако поинаку не Ви препорача лекарот. Генерално, лекарот ќе може да Ви ги соопшти резулататите од прегледот, веднаш по прегледот, иако постои теоретска можност за резултатите од некои испитувања да треба да се почека и неколку дена.

Ако сте примиле седативи како премедикација пред прегледот ќе Ви биде препорачано да не управувате со моторно возило непосредно по прегледот, дури и во случај да не се чувствувате воопшто уморно. Затоа е препорачливо на денот на прегледот да бидете со придружба до дома бидејќи седативите можат да влијаат на Вашето расудување и рефлекси во остатокот на денот.

15. Кои се можни компликации при гастроскопија?

Иако е можна појава на компликации при оваа процедура, сепак тие се многу ретки поготово кога прегледот го прави искусен лекар кој е специјално трениран за овој тип на прегледи. Можно е да се појави лесно крвавење од местото на евентуалната биопсија или при отстранување на полип, но обично тоа е минимално и ретко има потреба од понатамошно следење. Други потенцијални компликации се: реакција на лековите кои се употребени, комликации од страна на срцето и белите дробови како и перфорација на прегледуваните органи. Многу е важно рано да се препознаат знаците на евентуалните компликации, па така ако имате треска, покачена температура после прегледот, отежнато голтање или отечено грло, градна или стомачна болка известете го лекарот веднаш.

16. Што е колоноскопија?

Колоноскопијата е ендоскопски преглед на дебелото црево и дел од тенкото црево.

За испитување на дебелото црево се одлучуваме при секое нејасно крварење и/или присутво на крв во столицата, нејасна слабокрвност, пореметени столици, изненаден запек, наизменични тврди и течни столици, необјасниви болки во стомакот, кркорење на цревата, надуеност, слабеење, генетска оптеретеност за рак на дебелото црево.

17. Како да се подготовам за колоноскопија?

Лекарот ќе Ви даде детални инструкции во врска со диеталните рестрикции и начинот на прочистување на цревото кое е неопходно да се спроведе пред прегледот. Генерално, подготовката се базира на конзумирање на поголеми количини на специјални лаксативни средства или раствори кои се примаат ден – два пред прегледот. Дебелото црево треба да е комплетно исчистено за прегледот да биде точен и целосен, затоа внимателно и прецизно следете ги инструкциите на лекарот.

18. Што се случува за време на колоноскопијата?

Колоноскопијата генерално добро се поднесува и ретко предизвикува големи болки. Можно е да почувствувате притисок, надуеност, грчеви во стомакот. Затоа ќе Ви бидат дадени аналгетици и седативи пред прегледотза да се опуштите и подобро да поднесете било каков дискомфорт. Ќе лежите на страна или на грб додека лекарот споро се движи со колоноскопот низ дебелото црево. Процедурата вообичаено трае 15-60 минути.

19. Што се случува после колоноскопијата?

Ќе Ви бидат објаснети резулатите и наодот од прегледот, иако понекогаш можно е да има потреба да се почекаат резулатите од евентуалната биопсија за целосно да биде интерпретиран наодот.

Ако сте примиле седативи како премедикација пред прегледот ќе Ви биде препорачано да не управувате со моторно возило непосредно по прегледот, дури и во случај да не се чувствувате воопшто уморно. Затоа е препорачливо на денот на прегледот да бидете со придружба до дома бидејќи седативите можат да влијаат на Вашето расудување и рефлекси во остатотокот на денот. Можно е да имате грчеви и надуеност во стомакот поради воздухот кој Ви бил инсуфлиран во цревото за време на прегледот. Овие тегоби брзо исчезнуваат после испуштање на гасови. Генерално, ќе можете да јадете по прегледот, но постои и можност да Ви бидат препорачани рестрикции во диетата и активностите особено после евентуална полипектомија.

20. Кои се можни компликации при колоноскопија?

Иако е можна појава на компликации при оваа процедура, сепак тие се многу ретки кога прегледот го прави искусен лекар кој е специјално трениран за овој тип на прегледи. Можно е да се појави лесно крвавење од местото на евентуалната биопсија или при отстранување на полип, но обично тоа е минимално и ретко има потреба од понатамошно следење.

Можна, но ретка компликација е и перфорација на цревото за која е неопходна и хируршка интервенција. Други потенцијални компликации се: реакција на лековите кои се употребени, компликации од страна на срцето и белите дробови.

Иако компликациите се ретки важно е рано да се препознаат знаците на евентуалните компликации. Контактирајте го докторот при евентуални силни болки во стомакот, појава на треска и покачена температура, пообилно крварење од анусот кое понекогаш може да се јави и по неколку дена после процедурата.

21.Како да се подготвите за нутриционистички преглед или контрола?

На нутриционистички преглед или контрола најдобро е да дојдете гладни (за лабораториски анализи треба да се поминати најмалку 12 часа од последниот внес на храна) и да немате пиено течности (внесот на течности сведете го на минимум неколку часа пред прегледот).

Мерење на составот на телото со помош на InBody анализатор трае околу 50 секунди, а се мерите по долна облека без присуство на метал и накит. Трудници и лица со пејсмејкер на срцето не се мерат! Важат истите подготовки како за нутриционистички преглед или контрола.

Тестот за одредување на интолеранција на намирници со MORA апаратот трае околу 30 – 40 минути. Доколку го правите само овој тест, посебни подготовки не се потребни. Доколку тестот за интолеранција го правите како дел од нутриционистички преглед, тогаш заради останатите анализи и мерења, потребно е да бидете гладни и да немате внесувано течности неколку часа пред прегледот.

НАПОМЕНА:

Потребно е да не пиете кафе или алкохол минимум три часа пред да го направите тестот за одредување на интолеранција на намирници.

Имате додатни прашања?

Доколку имате додатни прашања, слободно исконтактирајте не

на некои од нашите информации за контакт и со задоволство ќе Ви ги одговориме!