НА ФРОНТОТ ПРОТИВ ЦИГАРИТЕ ВО ОДБРАНА НА СРЦЕТО
Како да се намали бројот на умрени од заболувањата на срцето и крвните садови?
На пред неколку години одржаниот Конгрес на Европското Здружение за Кардиоваскуларна и Ендоваскуларна хирургија (ЕСЦВС) во Белград, советот на Проф. Др. Ричард Пето се сведува на едноставна препорака – отворете го фронтот против пушењето.
Овој британски експерт за медицинска статистика и епидемиологија, професор на Универзитетот во Оксфорд, за својата бескомпромисна борба против пушењето од англиската кралица во 1999 год. ја доби титулата Сер. Го викаат и “ноќна мора на тутунската индустрија”.
На докторите во оперативните сали кои се борат со последиците од пушењето им порача дека постојат 3 работи кои ефективно може да ја намалат смртноста од кардиоваскуларни заболувања: да се зголеми данокот за тутун, да се дуплираат цените на цигарите или дури и да се утројат, и да се преполови потрошувачката на цигари. Елиминирањето на никотинот како причина за рак и кардиоваскуларни заболувања би довело Фондот за здравство да располага со значителни средства кои би можеле да се искористат за лекување на други заболувања.
Пушењето е еден од главните ризик фактори за заболувањата на срцето и крвните садови кај човекот.
Аневризма е проширување на крвен сад, која може да го зафати било кој крвен сад, а најмногу страда стомачната аорта. Ова заболување го имаат и непушачи, но поголем број од заболените се пушачи. Пушењето, зголеменото ниво на маснотии во крвта, високиот крвен притисок, дијабетот и прекумерната телесна тежина се главни ризик фактори за кардиоваскуларни заболувања. Кај нас на Балканот, имаме убедливо најголем број на операции на аневризми на стомачна аорта во споредна со другите европски земји. Ништо не превземаме ниту како општество, ниту како поединци за да ги промениме лошите навики.
Што се однесува до третманот на овие болести има два вида на лекување: оперативно или со вградување на стент.
Во зависност од тоа дали постојат и други пропратни заболувања како: хронично заболување на белите дробови и бубрезите, или пак ако заболениот веќе имал претходна операција на градниот кош или стомакот, новата операција е секогаш поризична и во такви случаи кај тие пациенти потребно е да се вгради стент. За лица до 65 год. кои имаат аневризма на стомачната аорта, а немаат друго значајно заболување на срцето или белите дробови стентот не е опција, за помлад човек подобра опција е операција затоа што овозможува поквалитетен живот во наредните 2-3 децении. Кога би бил вграден стент по 5 години од оваа интервенција шансите да се појавата исти проблеми се 40%.