Јубилеен роденден, 20 години од основањето на Центарот за внатрешни болести “СРЦЕ”

По сенките на моите учители…

Д-р Мирко Дубравчиќ, д-р Срѓан Раделиќ, д-р Ратко Ермакора, д-р сц. Јосиф Наумовски, проф. д-р Борислав Каранфилски

По моето враќање од Хрватска, во 1993 година, после неколку неуспешни обиди не успевам да се вработам во Јавното здравство и во поранешната Воена болница. Пролетта 1994 година, краткотрајно се вработувам во тукушто отворениот Дијагностички центар.

Истата година во летото познатиот кардиолог д-р сц. Јосиф Наумовски го формира и почнува да работи Атик кор, една од првите приватни специјалистички ординации по интерна медицина со кардиологија. Како интернист веднаш ме забележува и добивам понуда за работа како негов соработник, која ја прифаќам без многу размислување. Само по неколку месеци од формирањето на Атик кор, веќе од први јануари 1995 год. редовно сум вработен на местото специјалист интернист. Во тоа време д-р сц. Наумовски беше еден од референтните ехокардиографисти во земјата.

По моето доаѓање во ординацијата се воведуваат и други ехо техники и методи, покрај постоечката лабораторија беа воспоставени темелите на идната поширока дијагностика по интерна медицина и кардиологија. После одењето во пензија на познатиот патофизиолог професор д-р Б. Каранфилски, тој во ординацијата ќе биде консултант и ќе го формира тиролошкиот кабинет. Набргу Атик кор ќе стане ценета и наделеку позната ординација. Во тоа време во државата овој лекарски тим по начинот на работа ќе биде предводник во приватната медицина и пример за другите ординации кои подоцна ќе се формираат. Тогаш за првпат ќе ја промовираме својата висока и стручна професионалност за пациентите дека можат да добијат врвна и брза услуга што подразбира точна дијагноза и терапија, а сето тоа во ист ден и на едно место. Тој капитален принцип на работа ќе го следат други ординации ширум земјата со различен успех, но ниту една од нив нема да постигне такво ниво.

После 8 години напорна работа во Атик кор, но пред сè стекнато, исклучително драгоцено искуство, знаење и репутација, како стручњак се чувствувам способен дека и со моите претходна едукација и искуство можам самостојно да продолжам да работам. Од први јануари 2002 год. го формирам Центарот за внатрешни болести “СРЦЕ”, на почетокот само со двајца вработени. Во годините што следат постојано се проширува тимот на вработени, но не само како број, туку се засилува и во стручна смисла. Во центарот двајца млади лекари се формираат и постануваат исклучителни дијагностичари и се стекнуваат со звањето специјалисти по интерна медицина. Од центарот ќе произлезат тројца идни кардиолози, денеска ценети стручњаци и надвор од државата. Во центарот “СРЦЕ”, денес се изведуваат повеќе напреднати дијагностички процедури од областа на целата интерна медицина од страна на неколку врвни експерти, професори од разни области, кои се наши долгогодишни консултанти.

Во 2014 година формираме своја биохемиска лабораторија од причина дека лабораториските анализи се неизоставен дел во поставување на брза дијагноза и прогноза на болеста. Веродостојниот лабораториски наод изработен во нашата лабораторија е од клучно значење за лекарот клиничар во поставување на точна дијагноза.

Покрај дијагностиката која по вокација е наша примарна работа, во 2015 ќе започнеме нов проект. Новиот предизвик е диететика и диетотерапија за кој реално еден просечен медицинар има базични познавања. Дебелината како глобален проблем го наметна се поголемото значење и важноста на правилна исхрана. Навлегувајки во областа на превентивната медицина, за прв пат во пракса, заедно рамо до рамо со лекарите специјалисти интернисти, ендокринолози, кардиолози вклучени се и дипломирани нутриционисти, технолози по исхрана, со што центарот прераснува во локален лидер во обезитологијата, но и на другите нарушувања на метаболизмот.

Зголемувањето на тимот и проширувањето на доменот на дијагностичките и превентивни процедури наметна потреба за поголем и пофункционален простор, па така пред две години, ординацијата се пресели на нова адреса. Условите и амбиентот за работа во новиот простор, во естетска и функционална смисла, се такви да сите пријатно се чувствуваат во него.

Денеска после 20 години успешна работа сметаме и со право може да кажеме дека Центарот за внатрешни болести “СРЦЕ” е ценета и реномирана здравствена установа, една од ретките приватни ординации во земјата која го оправдува епитетот референтна ординација.

Др Горан Николов,

Интернист-кардиолог

Search

+