ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРОСТАТА

19 Апр 2022 Блог

Што да се јаде, што да се избегнува

Доколку сте маж постар од 50 години, можеби имате проблеми со мокрењето, можеби одите во тоалет премногу често или чувствувате дека мора да мокрите, но кога ќе се обидете не се случува ништо посебно. 

Проблемот најверојатно лежи во зголемена простата или како што ја нарекуваат лекарите бенигна хиперплазија на простата (БХП). Простата е мала жлезда со големина на орев, сместена зад мочниот меур која додава течност на семето непосредно пред ејакулацијата.

По 50-тата година од животот, хормонските промени, како опаѓањето на нивото на тестостеронот и зголемувањето на нивото на други хормони, како пролактинот, го поттикнуваат растот на простатата. Тоа ја оптоварува уретрата (мочоводот) што ја спроведува мочтта од мочниот меур, поради што мокрењето станува отежнато.

Целта на секој облик на лекување е да се намали простата и да се подобри работата на мочните органи. Ова може да се постигне со лекови, но правилната исхрана исто така може да помогне.

Што да се јаде?

  • Говедско месо без маснотија, остриги, семки од тиква и други намирници богати со цинк.

Во простатата има повеќе цинк отколку во кој било друг дел од телото. Лекарите кои се занимаваат со исхрана, им препорачуваат на мажите со зголемена простата да внесуваат повеќе цинк во исхраната. Се смета дека цинкот помага така што го намалува лачењето на пролактин, со ова на индиректен начин се неутрализира 5- алфа- редуктазата, ензим кој го претвора тестостеронот во еден друг облик кој предизвикува раст на простатата.

  • Лосос, ленено семе и други извори на омега 3 масни киселини како што е авокадото.

Омега 3 есенцијалните масни киселини се природно средство за сузбивање на воспаленија. Мажите кои конзумираат соодветни количества на овие масти, најчесто имаат помала простата, подобар проток на мочта и помалку им се задржува во мочниот меур.

Храната која е добра за срцето е добра и за простата, што е уште една причина да се придржувате до препораките кои гласат дека треба да се јадат најмалку две порции риба неделно.

Што да се избегнува?

  • Храна богата со заситени масти, трансмасни киселини, холестерол и шеќер.

Лошите навики во исхраната кои се штетни за срцето, штетат и на простатата. Дебелината и зголемениот холестерол, крвен притисок и шеќер во крвта го зголемува ризикот од појава на проблеми со простатата. Научниците од Калифорнискиот Универзитет во Сан Диего откриле дека дебелите мажи имаат 3.5 пати повеќе шанси да заболат од зголемена простатата од послабите. Тие откриле и тесна поврзаност меѓу високиот крвен притисок и зголемување на простатата.

  • Алкохол

Алкохолот, особено пивото, е диуретик, последната работа што ја сакате кога и онака веќе често одите во тоалет. Тој ги исцрпува телесните резерви на хранливите состојки клучни за добро здравје на простатата, како цинкот. Од алкохол единствено конзумирањето на црното вино во количини од 4-7 чаши неделно ги штити мажите да не заболат од рак на простата, воедно и од срцеви заболувања.

 

Д-р Горан Николов, интернист-кардиолог

Search

+