Дијабетес и кардиоваскуларни болести 2 ДЕЛ
Првиот дел од текстот подготвен од Д-р Горан Николов, спец. интернист – кардиолог, прочитајте го на Дијабетес и кардиоваскуларни болести 1 ДЕЛ.
СЛАБЕЕЊЕ
Според проценките на Светската здравствена организација повеќе од половина на светската популација има прекумерна телесна тежина. Дебелината е поврзана со широк спектар на кардиоваскуларни заболувања, како и со опструктивната апнеа во сон, и други синдроми на хиповентилација кои негативно влијаат на кардиоваскуларната функција. Дебелината предизвикува негативни хемодинамски ефекти и мноштво промени во кардиоваскуларната структура и функција. Кај болни со веќе докажана кардиоваскуларна болест најуспешна стратегија е менување на факторите на ризик на кардиоваскуларни болести поврзани со дебелината. Тоа се промените во исхрана во комбинација со структурни програми на вежби наречени рехабилитација на срцето.
Кај дебелите лица оболени од кардиоваскуларна болест губиток на телесната тежина од 5-10% по пат на срцева рехабилитација го подобрува нивото на масти и шеќер во плазмата, ги смалува маркерите на воспаление во серумот и има тенденција кон смалување на смртноста. Намалување на телесната тежина значајно го подобрува односно намалува кардиоваскуларниот ризик, ја смалува концентрацијата на инсулин во плазмата и ја подобрува осетливоста на клетките на инсулин.
РЕДОВНА ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ
Физичката неактивност е еден од променливите фактори на ризик. Физичката активност и смалување на телесната тежина може да го забави или дури да спречи настанувањето на шеќерна болест тип 2, да се намали крвниот притисок, како и ризикот за срцев и мозочен удар. Каков било вид на умерена до интензивна физичка активност е корисна, како брза прошетка, извршување на домашни обврски или градинарски работи. Препораката на Американското здружение за срце е најмалку 150 минути неделни аеробна активност (кардио) со умерен интензитет, или 75 минути енергична аеробна активност неделно или нивна комбинација со умерено до интезивно зајакнување на мускулатурата најмалку два пати неделно.
Кај болните кои се на инсилинска терапија важно е да се спомне потребата за самоконтрола на шеќерот пред, во тек и после вежбањето како би се согледал типичниот одговор на организам на видот на избраната телесна активност. Пример ако вредноста на гликемијата пред вежбањето била 13.9 ммол/Л или повеќе физичката активност би требало да се одложи до моментот кога вредностите на гликемијата бидат во целни вредности. Истотака предвидената дневна доза на инсулин кога се планира физичка активност треба да се намали за 30%. Потребно е со себе да се носат брзо апсорбирачки шеќери како бонбони, гроздов шеќер или 2 дл овошен сок, да се изеде меѓуоброк 15 до 30 минути пред физичката активност (пр. банана). Истотака потребно е после вежбањето да се изедат споро делувачки јаглени хидрати како житни снегулки со овошје или гранола.
ДОБРА КОНТРОЛА НА ШЕЌЕРОТ (ГЛИКЕМИЈА) ВО ПЛАЗМА
Редовни самоконтроли на гликемијата со водење дневник и контрола кај матичниот лекар и дијабетолог го намалува ризикот за развој на компликации на шеќерната болест. Зголемената концентрација на глукоза во плазма директно корелира со тежината на васкуларните компликации, заради тоа разумна цел е смалување на гликемијата со што би ги смалиле и компликациите. Од една страна многу студии покажале дека постигнувањето на целта на подобри контролни вредности на шеќерот може да ги намали микроваскуларните компликации. Меѓутоа доказите за влијанието на гликемиската контрола на макроваскуларните компликации е контроверзна.
Коронарната болест е најчеста макроваскуларна компликација кај дијабетичари. Зголемени концентрации на гликоза во плазма, како и зголемен гликиран хемоглобим (ХбА1ц) се два познати фактори на ризик. Од тие причини се чини логично дека стратегијата која може да ја намали гликемијата во плазмата би можела да биде темелна во спречувањето на кардиоваскуларните случувања кај дијабетичарите. Односот помеѓу антихипергликемиската терапија и кардиоваскуларните случувања не е јасен што го покажале многу студии во кои смалување на гликемиските параметри не се јасно поврзани со смалување на кардиоваскуларните случувања. Од друга страна новите лекови како емпаглифозин, лираглутид и семаглутид ја намалуваат смртноста од кардиоваскуларни болести што покажаа испитивањата.
ПРЕСТАНОК НА ПУШЕЊЕ
Независно дали некој има шеќерна болест или не пушењето го зголемува ризикот за развој на кардиоваскуларна болест и мозочен удар. Пушењето се смета за хронична зависност и за некои луѓе престанокот на пушење може да биде енормно голем проблем. Пушењето за два пати го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести, меѓутоа со престанокот на пушење веднаш доаѓа до позитивни промени и намалување на тој ризик. Само една година после престанокот на пушење ризикот од кардиоваскуларна смрт се преполовува, додека намалувањето на ризикот продолжува. Пушењето само по себе претставува ризик за добивање шеќерна болест бидејќи шанса за заболување од дијабетес е 30-40% поголема кај пушачи отколку кај непушачи.
Дијабетес и пушење се смртоносна комбинација со оглед на фактот дека дијабетичари кои пушат почесто заболуваат од кардиоваскуларни, и бубрежни болести, ретинопатија која може да доведе до губиток на видот, периферна неуропатија и заболување на периферната циркулација кое може да предизвика болки во нозете, студени нозе, инфекции и на крај да доведе до ампутација на екстремитетот (пр. ногата). Дијабетичари кои престануваат да пушат веднаш многу му помогнуваат на своето здравје, намалувајки го ризикот од низа компликации, а студиите покажаа дека престанок на пушење ја подобрува и контролата на шеќерот.
ЗАКЛУЧОК
Дијабетесот и кардиоваскуларните болести се дел од истиот маѓепсан круг чиј обем расте од година на година. Терапијата за снижување на глукоза во плазма мора да се индивидуализира земајќи ги предвид ставот на болниот и очекуваните препреки во лекувањето, траењето на дијабетесот, очекуваниот животен век, ризикот од хипогликемија и пропратните болести-коморбитети. Промените на животните навики започнуваат веќе во ординацијата на матичниот лекар со правилна едукација, медицинско описменување и поставување на здравствени цели. Самите промени бараат самодисциплина и волја вклучително секојдневна работа и труд додека здравиот живот премине во навика. Целта на лекувањето треба да биде спречувањето на хроничните компликации кои претсатвуваат најголем терет за болниот но и за целокупниот здравствен систем.
Д-р Горан Николов,
Спец. интернист – кардиолог