Дијабетес и кардиоваскуларни болести 1 ДЕЛ
Кардиоваскуларните болести се главна причина за смрт кај 2/3 од дијабетичарите.
Под кардиоваскуларни болести се подразбира цела низа на заболувања на разни органски системи. Атеросклерозата, покачениот крвен притисок, зголемените маснотии во крвта се само некои од пореметувањата кои придонесуваат во дисфункцијата на кардиоваскуларниот систем која може да се манифестира како коронарно заболување на срцето, инфаркт на миокардот, мозочен удар и/или периферна артериска болест. Исти промени се случуваат на помалите крвни садови на бубрезите, на мозокот, мрежница на очите кои пак влијаат на квалитетот на живот и допринесуваат до брз развој на болеста. Во споредба со болните без дијабетес, дијабетичарите имаат два пати поголем ризик од смрт предизвикана од кардиоваслурана болест. Се разбира со правилна исхрана, редовна физичка активност и влијание на променливите фактори на ризик може да се забави или дури да се избегне развојот на заболувања на срцето и крвните садови, а со тоа и нивните компликации.
Како заболените од шеќерна болест можат да го спречат или да го забават развојот на заболувањето на срцето и крвните садови?
Ризичните фактори за кардиоваскуларни болести едноставно може да се поделат на променливи и непроменливи.
Во непроменливи фактори на ризик спаѓаат возраста и полот (мажи постари од 45 год. и жени постари од 55 год. или жени во предвремена менопауза без хормонско заместителна терапија со естрогени) и позитивна фамилијарна анамнеза (рана смрт од коронарна болест, инфаркт на миокардот и нагла смрт пред 55 години кај блиски машки роднини или на 65 годишна возраст кај женски членови на семејството).
Најзначајни променливи фактори на ризик се: зголемен крвен притисок, покачени масти, пушење, дебелина, неправилна исхрана, физичка неактивност и дијабетес. Меѓу сите нив најраширени се пушењето, зголемениот крвен притисок и покачените масти, додека зачестеноста на дијабетесот и дебелината во последните децении е во значаен пораст. Позитивна промена само на еден фактор на ризик најчесто дава резултат во промена на останатите фактори на ризик затоа што имаат исти механизми на настанување.
СТРОГА КОНТРОЛА НА КРВНИОТ ПРИТИСОК
Иако дијабетесот и хипертензијата може едноставно да се дијагностицираат покрај кревет на болниот или во ординција на матичниот лекар во пракса многу често се среќаваме со болни кои имаат лошо регулирани една или двете болести, како последица на лоши животни навики или нередовно земање на лекови. Честиот „соживот“ на овие две болести истовремено не е случајност заради тоа што двете состојби делат слични патофизиолошки механизми особено оние кои се поврзани со дебелината и инсулинската резистенција. Зачестеноста на артериската хипертензија кај болните со дијабетес е два пати поголема отколку кај оние без дијабетес. Безмалку 40% од болните имаат покачен крвен притисок при поставување дијагноза на шеќерна болест тип 2. За развој на хипертензија кај дијабетичари допринесуваат неколку механизми. Дијабетична нефропатија, односно оштетување на бубрезите предизвикува губиток на протеините со намалено излачување на течност. Со тоа доаѓа до задршка на течност, односно зголемен волумен на течност во крвните садови. Пореметениот метаболизам на мастите, инсулинската резистенција и активирање на разни физиолошки механизми резултира со зголемена кртост на крвните садови, особено на артериите.
Земајќи го во предвид зголемениот ризик oд кардиоваскуларни заболувања кај дијабетичари, препораките на Европското здружение за хипертензија се за построгa контрола на крвниот притисок кaj дијабетичари отколку кај оние кои немаат дијабетес. Целни вредности на систолниот артериски притисок се 130 мм Хг, а на дијастолниот 80 мм Хг. Кај дијабетчари како медикаментозна терапија се препорачуваат инхибитори на ангиотензин конвертирачкиот ензим или блокатори на ангиотензин рецепторите затоа што покажуваат „нефропротективен” ефект, односно ја забавувват или прекинуваат прогресијата на дијабетичната нефропатија.
Покрај медикаментозната терапија неопходни се промени во начинот на живеење. Се препорчува активен начин на живеење кое подразбира физичка активност, престанок на пушење, слабеење и диета со смален внес на сол во исхраната.
РИГОРОЗНО РЕГУЛИРАЊЕ НА МАСТИТЕ
Болните со шеќерна болест честопати имаат зголемено ниво на масти во крвта, односно зголемено ниво на ЛДЛ („лошиот“) холестерол и триглицериди, како и снижена концентрација на ХДЛ („добриот“) холестерол. Зголемените липди во крвта (хиперлипидемија)взначајно го зголемува ризикот од срцеви и крвосадовни болести. Поради постепено трупање на масни наслаги во крвните садови доаѓа до смален проток на крвта во одреден орган. Резултат на тој процес може да биде мозочен и срцев удар, како и периферна артериска болест. Ризикот од појава на тие болести кај дијабетичари е зголемен, затоа се препорачува воведување на фармаколошка терапија, лекови кои ги намалуваат мастите на помала концентрација на вкупниот холестерол и ЛДЛ холестеролот во крвта, отколку кај другите луѓе.
Неколку важни моменти се битни во лекувањето на зголемени масти кај дијабетичари. Покрај дијабетичната диета, важно е да се намали внесот на масти, посебно на незаситените масни киселини кај оние дијабетичари кои имаат зголемени/пореметени масти. Слабеењето многу влијае врз липидниот статус, според тоа губиток во телесната тежина само од 10% може значајно да ги намали триглицеридите и да го зголеми ХДЛ холестеролот и да ја подобри осетливоста на инсулин врз ткивата. Физичката активност покрај тоа што помага во слабеењето, ја зголемува осетливоста на ткивата кон инсулин и е поврзана со зголемувањето на ХДЛ холестеролот во плазмата.
Што се однесува до фармакотерапијата најчесто користени лекови се статините. Покрај снижувањето на мастите кој го чинат статините, важно е да се нагласи дека тие ја менуваат морфологијата на атеросклеротската плака. Обдукциските студии покажале дека атеросклерозата е системска болест која ги опфаќа повеќето или скоро сите артерии, но клучно прашање е зошто во животот кај луѓето само еден или неколку плаки (наслаги) во телото ја поминуваат акутната нестабилна фаза склона кон тромбоза и затнување на крвниот сад. Стабилизација на атеросклеротската плака (наслага) доведува до спречување на најважните клинички последици на атеросклерозата. Според тоа примената на статините-лекови за смалување на мастите е неопходна во секундарната превенција на кардиоваскуларните заболувања.
Важно е да се напомене како кај одреден број заболени луѓе, целните вредности на ЛДЛ холестеролот и покрај максималната доза на лекот не можат да се постигнат, а не смееме да ги заборавиме нивни попратни-нус појави како што се болки во мускулите, кои се почести кога се земаат поголеми дози на статини. Кај такви болни неопходно е давање други лекови пр. езетимиб на постоечката терапија. После поставената терапија и постигнувањето на целни вредности на липидниот статус, потребно е еднаш годишно да се контролира липидниот статус, а во случај на прогресија на болеста или развој на други компликации во договор со матичниот лекар се прават почести контроли.
Вториот дел од текстот подготвен од Д-р Горан Николов, спец. интернист – кардиолог, прочитајте го на Дијабетес и кардиоваскуларни болести 2 ДЕЛ.
Д-р Горан Николов,
Спец. интернист – кардиолог