Дијабетично стапало

13 Ное 2023 Uncategorized

Шеќерната болест го забрзува затнувањето, односно артериосклерозата на крвните садови во мозокот, очите, срцето, бубрезите и во нозете. Пациентите со дијабетес тип 1 почесто имаат оштетувања на малите крвни садови (микроангиопатија) во очите и бубрезите, а оние со тип 2 на поголемите крвни садови (макроангиопатија) во мозокот, срцето и нозете.

Најосетливи на недостаток на крв во нозете се нервите, заради што болеста почнува со симптоми на трнење, печење и болки во стапалата и нозете. Симптомите најмногу се изразени кога пациентот мирува, односно за време на одмор и пред спиење. Се нарекува дијабетична невропатија. Кога стапалото ќе стане бледо, а прстите ладни, намален е и протокот на крв во крвните садови и оваа состојба се опишува како дијабетична ангиопатија. Кај најголемиот број на пациенти клиничката слика најчесто е мешана, односно се присутни трнења, пецкања и болки заедно со ладни прсти и бледи стапала и медицински се користи терминот Angioneuropathia diabetica. Симптомите се најизразени на прстите и стапалото и оваа состојба се нарекува и „синдром на дијабетично стапало“. Значи, дијабетично стапало претставува оштетување на артериите и нервите на прстите и стапалото, а е предизвикано од високите вредности на шеќерот во крвта. Кога стеснувањето на крвните садови ќе напредува долж потколеното, а посебно натколеното, се јавува и болка при одење наречена клаудикација. Клаудикациона болка се јавува ако е стеснет повеќе од 50% од дијаметарот на крвниот сад. До ова стеснување организмот самиот ги компензира проблемите со протокот на крв, бидејќи ги вклучува во употреба околните крвни садови од мал калибар, наречени колатерали, и поради тоа пациентот нема практично никакви симптоми.

Во превенцијата најважно е рано откривање на стеснувањата на крвните садови ште се помали од 50%, бидејќи со правовремено лекување во оваа фаза, болеста може долготрајно да се контролира, односно да се спречи нејзиниот напредок кон клиничките симптоми и гангрена. Тоа се прави со васкуларна доплер сонографија. Ова е стандарден ултразвучен преглед што се препорачува да се применува еднаш годишно кај сите пациенти со шеќерна болест. Оваа техника е препорачана од светските, европските и американските асоциации за контрола и лекување на шеќерната болест.

Раното откривање и соодветното лекување на дијабетичното стапало заштитува од напредување на болеста и најтешките компликации од неа, а тоа се гангрената и ампутацијата на нозете.

Конзервативното лекување се состои од контрола на ризик факторите пред сè регулирање на шеќерот, мастите и крвниот притисок, како и користење на лекови што ја намалуваат лепливоста на тромбоцитите и мастите на ѕидот од крвниот сад. Овие лекови се нарекуваат антиагреганси, а нивни најпознат претставник е Аспиринот. Кај пациентите кои имаат трнење, пецкање и жарење во нозете (невропатија) се препорачува и контрола на функцијата на нервите на стапалото. Тоа се прави со помош на тестови за проценка на финиот допир (10-грамски монофиламент), контрола на осетот на допир со игла (pin prick) и контрола на осетливост на вибрации (биотезиометар).

Клиничките студии направени од најреномирани дијабетични институции имаат утврдено дека овие едногодишни систематски прегледи  на крвните садови кај болните од шеќерна болест го намалуваат бројот на ампутациите на нозете за 50% во наредните 10 години.

Ова е стандардна превентивна процедура за болните од шеќерна болест која ја применуваа приватните здравствени осигурителни компании посебно во западна Европа и САД. Доколку тестирањето пациентот не го спроведе во препорачаниот период, осигурувањето не ги покрива трошоците за лекување на компликациите, пред сè лекувањето на отворени рани и гангрени на нозете.

Нивната препорака е:

Пациенти со шеќерна болест, инвестирајте во здравјето на вашите нозе. Редовно контролирајте ја состојбата на вашите крвни садови и нерви на нозете со што ќе се заштитите од можните компликации (гангрена) што водат до инвалидност.

 

Проф. д-р Славчо Тошев – кардиоангиолог

 

Search

+