ВАЖНОСТА НА НАМАЛУВАЊЕ НА ТЕЛЕСНАТА ТЕЖИНА КАЈ НОВОЗАБОЛЕНИ ОД ДИЈАБЕТЕС ТИП 2

Дијабетесот е најчеста хронична болест на метаболизмот кај човекот. Во светот повеќе од пола милијарда луѓе живеат со дијабетес, а се очекува дека во наредните 30 години бројката ќе се зголеми на 1.3 милијарди. Најголем дел (96%) од заболените лица се соочуваат со дијабетес тип 2. Во Македонија, 6.1% од популацијата помеѓу 20-79 години има дијабетес.

Низ годините научниците го посветуваат своето внимание на пронаоѓање ефикасни решенија за превенција, контролирање и повлекување на болеста. Една студија направена на Кинескиот Универзитет во Хонг Конг ја покажува врската помеѓу навременото намалување на телесната тежина и повлекување на тип 2 дијабетесот.

dijabetes tip 2

ШТО Е ДИЈАБЕТЕС?

Дијабетесот е состојба која се појавува при зголемување на нивото на шеќер во крвта. Во овој случај панкреасот не произведува воопшто или произведува недоволно инсулин, или телото не реагира соодветно на инсулинскиот ефект, со што доаѓа до покачување на гликоза во крвта или хипергликемија. Инсулинот е хормон кој е одговорен за внесување на шеќерите (гликоза) во сите клетки на телото кои потоа се користат како извор на енергија.

Постојат неколку видови на дијабетес, а овие четри се најчести:

  • Преддијабетес. Нивото на шеќер во крвта е зголемено, но не доволно високо за официјално да се дијагностицира како тип 2.
  • Тип 2. Ова е најчест тип на дијабетес кај возрасната и гојна популација и се случува поради недоволно производство на инсулин или/и инсулинска резистенција.
  • Тип 1. Дијабетес тип 1 е автоимуна болест при која вашиот имунолошки систем, од непознати причини, ги напаѓа и уништува клетките одговорни за производство на инсулин. Најчесто се дијагностицира кај деца и млади, но може да се развие во било која возраст.
  • Гестациски дијабетес. Овој тип на дијабетес може да се развие кај некои жени за време на бременоста. Најчесто тој се повлекува по бременоста, но може да биде индикатор за појава на тип 2 дијабетес подоцна во животот.

КОИ СЕ ПРЕДИЗВИКУВАЧИ НА ДИЈАБЕТЕС ТИП 2?

Најчеста причина за појава на тип 2 е инсулинска резистенција. Таа настанува кога клетките во мускулите, црниот дроб или масното ткиво не реагираат како што треба на произведениот инсулин. Чести причинители за оваа болест се:

  • Дебелина
  • Централен тип на дебелина, односно дебелина во стомакот
  • Недостаток на физичка активност
  • Неправилна исхрана
  • Хормонален дисбаланс
  • Генетски фактори
  • Одредени лекарства, меѓу кои и кортикостероиди

КАКО НАВРЕМЕНОТО НАМАЛУВАЊЕ НА ТЕЖИНАТА ПОМАГА ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ДИЈАБЕТЕС ТИП 2?

Складирањето на премногу маснотии во црниот дроб и панкреасот може да влијае врз развојот на дијабетес тип 2. Неколку студии меѓу кои и студијата на Кинескиот Универзитет во Хонг Конг покажале дека губењето на наталожените масти, односно намалувањето на телесната тежина  може да помогне да го ставите дијабетесот во ремисија. Под терминот ремисија подразбираме мирување на болеста или држење на болеста под контрола.

Студијата покажала дека повлекувањето е најверојатно да се случи доколку ја намалите вашата тежина најбрзо што можете, односно 1 година од поставувањето на дијагнозата. Луѓето кои изгубиле повеќе од 10% од нивната тежина, во периодот од 1 година од поставувањето на дијагнозата имале три пати поголеми шанси да постигнат ремисија, додека оние кои изгубиле помеѓу 5% и 9.9%, двапати поголеми шаниси, споредбено со оние кои не направиле никаква промена во нивната телесна тежина или се здебелиле.

Иако оваа студија ја докажува можноста за повлекување на болеста доколку се намали телесната тежина, само 6.1% од испитаниците успеале да останат во ремисија за време на средно следење од 7.9 години. Одржувањето на долготрајна ремисија се покажало како предизвик за испитаниците. Околу 20% од оние кои постигнале ремисија повторно се соочиле хипергликемија на годишно ниво.

За долготрајно повлекување на дијабетесот потребно е постојана посветеност на здрав начин на живот и одржување на пониска телесна тежина.

СРЦЕ ПОЛИКЛИНИКА: ОСЛАБНЕТЕ СО ПОМОШ НА НУТРИЦИОНИСТИЧКИ ПЛАН НА ИСХРАНА

Не секој кој ќе ослабне ќе успее да го стави дијабетесот во ремисија. Но, слабеењето има и други здравствени придобивки поврзани со оваа болест, како подобро регулирање на шеќерт во крв, конзумирање помалку лекарства и намалување на ризикот од компликации. Дури и неколку килограми може да направат промена во вашиот организам и да се чувствувате поздрави и поагилни.

Докторскиот тим на Срце – Центар за внатрешни болести може да ви помогне за навремено откривање на дијабетес тип 2 со помош на најсовремени клинички лабораториски тестови. Консултирајте се со нашите нутриционист и лекар специјалист за изготвување на персонален режим на исхрана кој ќе ви помогне успешно да ги намалите килограмите со цел повлекување на болеста, како и исхрана за одржување на телесната тежина доколку дијабетесот е во ремисија.

Search

+