Гастроентерохепатологија и гастроентерохепатолошки испитувања.

ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈА

Гастроентерохепатологијата е гранка на медицината која се занимава со дијагностика и лекување на болестите на органите од системот за варење на храната: хранопроводникот, желудникот, цревата, црниот дроб, панкреасот. На болестите на системот за варење на храната отпаѓа голем дел од сите заболувања на популацијата. Начинот на исхрана, темпото на живот, стресните ситуации, работната и животната околина како и генетската сколоност, се важни фактори кои битно влијаат на настанувањето и развојот на гастроинтестиналните болести.
Нашите прегледи не се насочени само кон откривање и лекување, туку во поголема мерка и на превентивно дејствување односно спречување на развој и рано откривање на болестите. Посебно внимание им посветуваме на ендоскопските прегледи на гастроинтестиналните органи.

Редовно ги извршуваме следните прегледи, испитувања и услуги:

  • гастроентерохепатолошки субспецијалистички преглед
  • ехо преглед на стомачните органи
  • горна и долна ендоскопија (гастроскопија, колоноскопија, ректоскопија, аноскопија)
  • консултации, советување, давање терапија, превентивни прегледи, второ мислење

Гастроентерохепатолошки субспецијалистички преглед

Прегледите во гастроентерохепатолошкиот кабинет ги извршува лекар специјалист – субспецијалист гастроентерохепатолог. После темелниот разговор за досегашните болести и актуелните потешкотии се извршува клинички преглед, а ако е потребно се индицира земање на крв за лабораториски испитувања.Доколку врз основа на разговорот и прегледот се утврди кои се потешкотиите на пациентот може да се советуваат соодветни хигиено – диететски мерки и лекување, но доколку не е потполно јасно, која е причината за тегобите на пациентот, тогаш со него се разговара за адекватни следни испитувања на пр. ендоскопски испитувања на желудникот, дебелото црево, ехо на абдоминалните органи…
Понекогаш се утврдува дека потешкотиите не доаѓаат од органите за варење, па се советува преглед кај друг надлежен специјалист.
Пожелно е пациентот со себе да понесе и стара медицинска документација ако ја има, посебно ако тегобите траат подолго време и ако поради нив вршел претходни медицински прегледи и земал терапија.

Ехо апаратот емитува посебни звучни бранови, кои се одбиваат од внатрешните органи и на екранот на апаратот создаваат слика. Фреквенцијата на овие звучни бранови е високо над човечкиот слушен домет и оттука произлегува името ултразвук.

Со овој преглед многу прецизно може да се прикажат црниот дроб, жолчката, панкреасот, слезенката, бубрезите, мочниот меур и простата кај мажите, како и големите крвни садови и лимфните јазли во стомакот.

Прегледот е потполно безбеден и воопшто не е штетен за пациентот или за плодот кај бремени жени, се изведува брзо, без болки и не бара посебна припрема.

Гастроскопија – ендоскопски преглед на хранопроводникот, желудникот и дванаесетпалечното црево.

Езофаго – гастро – дуоденоскопија (скратено – гастроскопија) претставува директно гледање во внатрешноста на горниот дел на органите за варење. Се изведува со помош на тенок и флексибилен оптички инструмент (гастроскоп) кој се воведува преку устата, па најпрвин се прегледува хранопроводникот, а потоа желудникот и дванаесетпалечното црево. Ендоскопскиот преглед на горните органи за варење претставува многу подетален и попрецизен дијагностички преглед во споредба со рентгенскиот преглед со бариумов контраст.

Пред прегледот ќе Ви биде анестезирана устата и голтникот со локален анестетик, и ќе Ви биде даден седатив со цел да бидете релаксирани за време на прегледот, а во устата заради заштита на гастроскопот ќе Ви биде ставен усник (специјална цуцла). Ќе лежите на левиот бок, и во таа положба ќе биде воведен гастроскопот.

Поради подобра прегледност во тек на прегледот низ каналот на ендоскопот ќе биде инсуфлиран воздух, па постои можност да почувствувате лесна напнатост на стомакот. За цело време на прегледот можете нормално да дишете, нема да чувствувате болки, можна е само надразнетост на голтникот и нагон за повраќање. Зафатот обично трае 5-10 минути. Голем дел од пациентите го сметаат прегледот само за лесно нелагоден, додека пак многу други дури заспиваат за време на процедурата.

Гастроскопијата ќе му овозможи на Вашиот лекар да ги евалуира симптомите на постојана горно стомачна болка, гадење, повраќање, и/или отежнато голтање. Гастроскопијата претставува одличен тест за откривање на причините за крвавење од горните делови на системот за варење, исто така е многу попрецизна метода од РТГ снимањето за откривање на воспаление, евентуално постоење на улцерации (чиреви) и тумори на храноводникот, желудникот и дванаесетпалечното црево.

Исто така за време на прегледот лекарот може да земе и мал примерок од ткивото (биопсија), која ќе му помогне да направи диференцирање помеѓу бенигни и малигни (канцерозни) промени на ткивото.

Но, запоменете дека биопсиите може да бидат земени и од многу други причини, дури и тогаш кога нема воопшто сомнение за постоење на карцином, на пр. за тестирање на постоење на Helicobacter pylori, бактерија која предизвикува чир. Понекогаш оваа процедура покрај дијагностичка може да биде и терапевтска со цел директен третман на одредени болести.

Најдобар и најбезбеден преглед се изведува на празен стомак, па така најпрепорачливо е ништо да не јадете и пиете (освен вода) околу 6 часа пред прегледот. Лекарот ќе Ви каже кога да почнете да се воздржувате од храна.

Пожелно е да му кажете на лекарот за сите лекови кои евентуално ги земате, заради евентуална модификација на дозите на лековите, да соопштите за можни алергии на лекови, како и за можни здравствени проблеми со срцето и/или белите дробови. Исто така информирајте го лекарот за евентуална потреба од примање на антибиотици при стоматолошки процедури, бидејќи може да постои потреба да примите доза на антибиотици и при гастроскопијата.

После завршувањето на прегледот ќе бидете надгледувани се до исчезнувањето на ефектите од медикаментите. Можно е да имате лесна нелагодност во грлото, како и лесна надуеност на стомакот заради воздухот кој Ви бил инсуфлиран во стомакот. Ќе можете да јадете веднаш по прегледот освен ако поинаку не Ви препорача лекарот. Генерално, лекарот ќе може да Ви ги соопшти резулататите од прегледот, веднаш по прегледот, иако постои теоретска можност за резултатите од некои испитувања да треба да се почека и неколку дена.

Ако сте примиле седативи како премедикација пред прегледот ќе Ви биде препорачано да не управувате со моторно возило непосредно по прегледот, дури и во случај да не се чувствувате воопшто уморно. Затоа е препорачливо на денот на прегледот да бидете со придружба до дома бидејќи седативите можат да влијаат на Вашето расудување и рефлекси во остатокот на денот.

Иако е можна појава на компликации при оваа процедура, сепак тие се многу ретки поготово кога прегледот го прави искусен лекар кој е специјално трениран за овој тип на прегледи. Можно е да се појави лесно крвавење од местото на евентуалната биопсија или при отстранување на полип, но обично тоа е минимално и ретко има потреба од понатамошно следење.

Други потенцијални компликации се: реакција на лековите кои се употребени, комликации од страна на срцето и белите дробови како и перфорација на прегледуваните органи. Многу е важно рано да се препознаат знаците на евентуалните компликации, па така ако имате треска, покачена температура после прегледот, отежнато голтање или отечено грло, градна или стомачна болка известете го лекарот веднаш.

Колоноскопија  е ендоскопски преглед на дебелото црево и дел од тенкото црево.
За испитување на дебелото црево се одлучуваме при секое нејасно крварење и/или присутво на крв во столицата, нејасна слабокрвност, пореметени столици, изненаден запек, наизменични тврди и течни столици, необјасниви болки во стомакот, кркорење на цревата, надуеност, слабеење, генетска оптеретеност за рак на дебелото црево.

Лекарот ќе Ви даде детални инструкции во врска со диеталните рестрикции и начинот на прочистување на цревото кое е неопходно да се спроведе пред прегледот.

Генерално, подготовката се базира на конзумирање на поголеми количини на специјални лаксативни средства или раствори кои се примаат ден – два пред прегледот. Дебелото црево треба да е комплетно исчистено за прегледот да биде точен и целосен, затоа внимателно и прецизно следете ги инструкциите на лекарот.

Колоноскопијата генерално добро се поднесува и ретко предизвикува големи болки. Можно е да почувствувате притисок, надуеност, грчеви во стомакот. Затоа ќе Ви бидат дадени аналгетици и седативи пред прегледот, за да се опуштите и подобро да поднесете било каков дискомфорт.

Ќе лежите на страна или на грб додека лекарот споро се движи со колоноскопот низ дебелото црево. Процедурата вообичаено трае 15-60 минути.

Ќе Ви бидат објаснети резулатите и наодот од прегледот, иако понекогаш можно е да има потреба да се почекаат резулатите од евентуалната биопсија за целосно да биде интерпретиран наодот.

Ако сте примиле седативи како премедикација пред прегледот ќе Ви биде препорачано да не управувате со моторно возило непосредно по прегледот, дури и во случај да не се чувствувате воопшто уморно. Затоа е препорачливо на денот на прегледот да бидете со придружба до дома бидејќи седативите можат да влијаат на Вашето расудување и рефлекси во остатотокот на денот.

Можно е да имате грчеви и надуеност во стомакот поради воздухот кој Ви бил инсуфлиран во цревото за време на прегледот. Овие тегоби брзо исчезнуваат после испуштање на гасови. Генерално, ќе можете да јадете по прегледот, но постои и можност да Ви бидат препорачани рестрикции во диетата и активностите особено после евентуална полипектомија.

Иако е можна појава на компликации при оваа процедура, сепак тие се многу ретки кога прегледот го прави искусен лекар кој е специјално трениран за овој тип на прегледи. Можно е да се појави лесно крвавење од местото на евентуалната биопсија или при отстранување на полип, но обично тоа е минимално и ретко има потреба од понатамошно следење.

Можна, но ретка компликација е и перфорација на цревото за која е неопходна и хируршка интервенција. Други потенцијални компликации се: реакција на лековите кои се употребени, компликации од страна на срцето и белите дробови.

Иако компликациите се ретки важно е рано да се препознаат знаците на евентуалните компликации. Контактирајте го докторот при евентуални силни болки во стомакот, појава на треска и покачена температура, пообилно крварење од анусот кое понекогаш може да се јави и по неколку дена после процедурата.