КАРЦИНОМ НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО: ЗОШТО ПРЕВЕНТИВНАТА КОЛОНОСКОПИЈА МОЖЕ ДА СПАСИ ЖИВОТ?

Карциномот на дебело црево, познат и како колоректален карцином, е едно од најчестите малигни заболувања во светот и втора водечка причина за смртност поврзана со малигни заболувања. Иако ризикот од неговата појава значително се зголемува со возраста, во последните години сè почесто се дијагностицира и кај помлади лица, вклучително и кај лица под 50-годишна возраст.

Она што го прави ова заболување особено важно од аспект на превенцијата е фактот дека во голем број случаи неговиот развој може да се спречи. Со редовни превентивни прегледи, навремено откривање на преканцерозни промени и нивно отстранување, значително се намалува ризикот од развој на карцином.

Еден од најефикасните методи за превенција и рано откривање е скрининг колоноскопијата.

Preventivna kolonoskopija za rano otkrivanje I sprechuvanje na karcinom na debelo crevo

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ ЗА КАРЦИНОМОТ НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО?

Карциномот на дебело црево најчесто се развива постепено, во текот на неколку години. Во многу случаи започнува како мал израсток на слузницата на дебелото црево, познат како полип. Иако повеќето полипи не се малигни, одредени видови со текот на времето можат да прераснат во карцином.

Постојат неколку важни факти што треба да се имаат предвид:

  • Се вбројува меѓу трите најчести малигни заболувања во светот.
  • Смртноста и застапеноста се повисоки кај мажите во споредба со жените.
  • Ризикот значително се зголемува по 50-годишна возраст.
  • Сè почесто се забележува појава и кај лица помлади од 50 години.

Токму затоа, превенцијата не треба да се одложува до моментот кога ќе се појават првите симптоми.

КОИ ЛИЦА ИМААТ ЗГОЛЕМЕН РИЗИК ОД КАРЦИНОМ НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО?

Иако карциномот на дебело црево може да се појави кај секого, постојат одредени фактори кои го зголемуваат ризикот.

ФАМИЛИЈАРНА ИСТОРИЈА

Лицата кои имаат близок член од семејството со дијагностициран карцином на дебело црево или полипи имаат зголемен ризик од развој на ова заболување.

ВОСПАЛИТЕЛНИ ЦРЕВНИ ЗАБОЛУВАЊА

Пациентите со хронични воспалителни заболувања на цревата, како што е улцерозниот колитис, имаат зголемен ризик, особено доколку болеста трае подолг временски период.

МЕТАБОЛЕН СИНДРОМ

Одредени метаболни нарушувања се поврзуваат со зголемен ризик, меѓу кои се:

  • Прекумерна телесна тежина и обезност.
  • Инсулинска резистенција и дијабетес.
  • Замастен црн дроб.
  • Артериска хипертензија.
  • Зголемени вредности на масти во крвта (хиперлипидемија).

НЕЗДРАВИ ЖИВОТНИ НАВИКИ

Начинот на живот исто така има значајна улога. Ризикот може да биде зголемен кај лица кои пушат, се физички неактивни, консумираат прекумерни количества алкохол или имаат исхрана богата со црвено и преработено месо.

Важно е да се знае дека отсуството на овие ризик-фактори не значи дека не постои можност за развој на заболувањето. Затоа, скрининг-прегледите се важни и за лицата кои се чувствуваат целосно здрави.

КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ НА КАРЦИНОМ НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО?

Една од најголемите опасности кај ова заболување е тоа што во почетните стадиуми најчесто не предизвикува никакви симптоми. Поради тоа, пациентите може да не бидат свесни за постоењето на промени во дебелото црево сè додека болеста не напредне.

Со развојот на заболувањето може да се појават следните симптоми:

  • Крв во столицата – видлива крв или промена во бојата на столицата.
  • Промени во ритамот на празнење на цревата – наизменична појава на запек и дијареја или промена во вообичаените навики за празнење.
  • Промена во изгледот и конзистенцијата на столицата – особено доколку промените се нови и траат подолг период.
  • Чести стомачни болки – повторувачка болка или непријатност во пределот на стомакот.
  • Грчеви и надуеност – чувство на притисок и непријатност во стомакот.
  • Необјаснета анемија и замор – особено при хронично губење крв од дигестивниот тракт.
  • Необјаснето губење на телесната тежина – без промени во исхраната или физичката активност.

Овие симптоми не мора да значат дека станува збор за карцином, бидејќи можат да бидат предизвикани и од други дигестивни состојби. Сепак, нивната појава не треба да се игнорира. Потребна е навремена консултација со лекар и соодветна дијагностичка проценка.

ПРЕВЕНТИВНА КОЛОНОСКОПИЈА – ПРЕГЛЕД ШТО МОЖЕ ДА СПРЕЧИ РАЗВОЈ НА КАРЦИНОМ

Карциномот на дебело црево е едно од ретките малигни заболувања кај кои соодветниот скрининг може не само да овозможи рано откривање, туку и директно да го спречи развојот на болеста.

Колоноскопијата е ендоскопски преглед со кој лекарот детално ја прегледува внатрешноста на дебелото црево со помош на специјален инструмент – колоноскоп.

Нејзината предност е што овозможува:

  • Откривање на промени на слузницата на дебелото црево.
  • Детекција на полипи, од кои одредени видови можат да прераснат во карцином.
  • Отстранување на полипите за време на самиот преглед, кога тоа е медицински индицирано.
  • Откривање на сомнителни промени и земање примероци за хистопатолошка анализа, доколку е потребно.

Со навремено откривање и отстранување на преканцерозните полипи, може да се прекине процесот на нивна потенцијална трансформација во малигно заболување.

НА КОЈА ВОЗРАСТ СЕ ПРЕПОРАЧУВА СКРИНИНГ КОЛОНОСКОПИЈА?

Препораките за превентивен скрининг зависат од возраста, фамилијарната историја и индивидуалните ризик-фактори.

КАЈ ЛИЦАТА СО ПРОСЕЧЕН РИЗИК

Скринингот за колоректален карцином се препорачува да започне на 45-годишна возраст. Особено е важно лицата над 50 години да не ги одложуваат превентивните прегледи.

КАЈ ЛИЦАТА СО ЗГОЛЕМЕН РИЗИК

Лицата кои имаат близок член од семејството со карцином на дебело црево може да имаат потреба од порано започнување на скринингот. Во зависност од фамилијарната историја, прегледот може да се препорача на 40-годишна возраст или 10 години пред возраста на која заболувањето било дијагностицирано кај најмладиот заболен близок роднина.

Кај пациентите со воспалителни цревни заболувања или други специфични ризик-фактори, времето и зачестеноста на прегледите се одредуваат индивидуално, во консултација со гастроентеролог.

Важно: Доколку имате симптоми како крв во столицата, необјаснета анемија или постојани промени во празнењето на цревата, не треба да чекате да ја достигнете возраста за редовен скрининг. Потребна е лекарска проценка и кога сте помлади од 45 години.

БЕЗБОЛНА КОЛОНОСКОПИЈА ВО СРЦЕ – ЦЕНТАР ЗА ИНТЕРНА МЕДИЦИНА

Свесни сме дека помислата на колоноскопија кај многу пациенти предизвикува непријатност и страв. Но, современите медицински методи овозможуваат прегледот да се изведе со максимална удобност и без непотребен стрес.

Во СРЦЕ – Центар за интерна медицина, колоноскопијата се изведува со примена на краткотрајна интравенска аналгоседација (умерена седација), со цел пациентот да не чувствува болка и непријатност за време на прегледот.

Нашиот стручен тим се грижи за безбедноста, удобноста и индивидуалниот пристап кон секој пациент.

Не чекајте да се појават симптоми. Превенцијата е најважниот чекор кон навремено откривање и спречување на карциномот на дебело црево.

Доколку имате над 45 години, фамилијарна историја на колоректален карцином или други ризик-фактори, закажете консултација со нашиот стручен тим и дознајте кога е вистинското време за превентивен преглед.

 

Др. Елена Цуракова Ристовска, Специјалист гастроентерохепатолог

Search

+