СВЕТСКИ ДЕН НА СРЦЕТО 2026

Светскиот ден на срцето се одбележува на 29 септември – оваа година по дваесет и шести пат по ред.
Ова одбележување е иницирано со цел да се подигне свеста за кардиоваскуларните болести и за важноста на грижата за здравјето на срцето.

Светски ден на срцето
Овогодишната тема се надоврзува на минатогодишната тема и слоган „Не пропуштај отчукување“ (Don’t miss a beat), со цел да се истакне фактот дека луѓето ширум светот предвреме умираат од кардиоваскуларни болести, со што се лишуваат себеси и своите најблиски од драгоцени заеднички моменти.
Кардиоваскуларните болести претставуваат група на нарушувања што го зафаќаат срцето и/или крвните садови. Тие можат да бидат предизвикани од комбинација на фактори на ризик поврзани со однесувањето, како и социоекономски и еколошки фактори,вклучувајќи: лоша исхрана, употреба на тутун, физичка неактивност, штетна употреба на алкохол, загадување на воздухот, висок крвен притисок,високо ниво на холестерол, дијабетес, дебелина, болести на бубрезите и стрес.Семејната историја, етничката припадност, полот и возраста исто така можат да влијаат врз ризикот од кардиоваскуларни болести.
Најчестите кардиоваскуларни болести се коронарната срцева болест и миокардниот инфаркт (срцев удар), цереброваскуларниот инцидент (мозочен удар) и хипертензијата – која претставува болест сама по себе, но е и фактор на ризик за други кардиоваскуларни болести.
Светската федерација за срце (WHF) предупредува дека едно од пет лица ќе почине предвреме поради кардиоваскуларна болест (КВБ), која одзема повеќе животи отколку ракот и хроничните респираторни болести заедно. Сепак, до 80% од случаите на срцеви болести и мозочен удар можат да се спречат.
Препознајте ги раните знаци на срцеви проблеми.
Рани знаци – многу знаци на кардиоваскуларни болести остануваат незабележани сè додека не биде предоцна. Од вродени срцеви мани кај младите луѓе до занемарени симптоми кај жените и лицата со неконтролиран висок крвен притисок, кардиоваскуларните болести можат да погодат секого – без оглед на возраста, физичката состојба, економскиот статус или начинот на живот.

Заштитете го срцето – повеќето смртни случаи предизвикани од кардиоваскуларни болести се резултат на фактори на ризик што можат да се спречат или да се држат под контрола. Со воведување мали и доследни промени, луѓето можат значително да го подобрат здравјето на своето срце со текот на времето.

Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смрт во целиот свет.
И во Македонија, кардиоваскуларните болести со децении се водечка причина за смрт
Во 2025 година, окулу 9000 лица починале од кардиоваскуларни болести (КВБ) во Македонија, што претставува 38% од сите смртни случаи. Анализата според полот покажува дека КВБ биле причина за смрт кај 40% од жените и 35% од мажите. Водечки дијагностички подгрупи биле хипертензивните болести, кои сочинувале окулу 10% од вкупната смртност, и исхемичната болест на срцето, со учество од 10%.

Смртноста од кардиоваскуларни болести, останува водечка причина за смртност и морбидитет, сочинувајќи 25,2% од сите случаи на прерана смрт (пред 65-тата година од животот). Тоа значи дека секоја петта прерана смрт е предизвикана од кардиоваскуларни болести.
Во споредба со другите земји од ЕУ, Македонија – спаѓа во групата земји со стапки на смртност над просекот на ЕУ.
И покрај добро познатите придобивки од физичката активност за физичкото и менталното здравје, многу луѓе сè уште ја занемаруваат. Редовната физичка активност – дури и само 30 минути дневно – може да спречи голем број случаи на кардиоваскуларни болести, но сепак една третина од возрасните не се доволно активни.

Резултатите од најновото истражување EHIS за Македонија покажуваат дека само 16% од испитаниците ги исполнуваат препораките на СЗО за аеробна физичка активност (спроведување аеробна активност во траење од најмалку 150 минути неделно), додека 12% се придржуваат кон препораките на СЗО за активности за зајакнување на мускулите (спроведување такви активности најмалку двапати неделно).

Др Гора Николов,
спец.интернист-кардиолог

Search

+