ABOUT Проф. Др. Ѓеорѓи Божиновски

специјалист интернист – ревматолог

Проф. д-р Ѓеорѓи Божиновски, редовен професор на Мeдицинскиот факултет во Скопје.
Роден е во 1955 год. во Битола. Долги години работи како консултант во ПЗУ “Центар за внатрешни болести СРЦЕ”.

Работно искуство и образование:

Основно и средно образование завршил во Скопје.
На Медицинскиот факултет во Скопје дипломирал во 1981 год. Стручниот испит го положил во 1982 год.
Од 1983 година вработен е на Клиниката за ревматологија при Медицинскиот факултет во Скопје.
Специјалист по Интерна медицина е од 1988 год., а супспецијалист по ревматологија е од 1997 година.
За помлад асистент по Интерна медицина и Интерна пропедевтика избран е во 1985 год., а за асистент во 1989 год.
1992 год. на Медицинскиот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација “Клинички и хуморално имунолошки аспекти кај системска склероза”
Во звањето Научен соработник на Катедрата по Интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје избран е во 1993 год., а во звањето Виш научен соработник во 1998 год.
2001 година избран е во звањето Вонреден професор, а 2003 година во звањето Редовен професор на Катедрата по Интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје.
На Клиниката за ревматологија работи како раководител на одделение.

Дополнителни информации и публикации:

Учесник е на повеќе конгреси и симпозиуми во земјата и странство со сопствени трудови. Има објавено повеќе од 160 стручно-научни трудови во земјата и странство.
Стручни престои имал во Клиничкиот центар во Љубљана и на Воено Медицинската Академија во Белград.
Носител е и главен истражувач на првиот реализиран научно-истражувачки проект на клиниката за ревматологија финансиран од Министерството за наука под наслов “Третман на Raynaud феноменот со нискоенергична ласеротерапија”.
Учесник е во 16 меѓународни и домашни проекти како главен истражувач, или коистражувач
Автор е на книгата ”Raynaud” феномен.
Автор е на книгата “Третман на Raynaud феноменот со нискоенергична ласеротерапија”.
Автор е на поглавјето за системска склероза, поглавјето за ревматски синдроми кај заболувања на други системи и органи и поглавјето за принципи на рехабилитација кај ревматските заболувања во учебникот Интерна медицина.
Автор е на поглавјата за системска склероза, системски лупус еритематосус, поли-дерматомиозитис, остеоартроза, болен лумбален синдром и болен цервикален синдром во Практикум по Интерна медицина. Коавтор е на прирачникот ”Лекување на ревматоиден артритис”.

Професионален допринос и членувања:

Основоположник е и долгогодишен раководител на кабинетот за капилароскопија и ангио колд тест и и ги вовел методите: динамичка плетизмографија, ангио колд провоцирачки тест и периунгвеална капилароскопија во испитувањето на периферната циркулација кај пациентите со системски заболувања на сврзното ткиво и Raynaud феномен.
Бил член на форумот за мускулно – скелетни проблеми формиран од Медицинскиот факултет кој ги усогласил содржините за упатства за примарна здравствена во склоп на проектот за континуирана медицинска едукација и транзиција на здравствениот сектор во Р Македонија.
Член е на Македонската асоцијација против ревматизмот (МААР), Европската лига против ревматизмот (ЕУЛАР), Светската лига против ревматизмот (ИЛАР), Македонското лекарско друштво, Лекарската комора на Македонија и на Црвениот крст на Македонија. Бил генерален секретар на Македонската ревматолошка асоцијација и генерален секретар на ревматолошките конгреси на Р. Македонија.
Еден е од иницијаторите за формирање и долгогодишен член на уредувачкиот одбор на webdoctor.com.mk порталот.

Награди и професионални признанија:

Добитник е на Благодарница од Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” за придонес во развојот и работатa на Mедицинскиот факултет во Скопје, на плакета за значаен придонес во остварување на целите и задачите на Македонското лекарско друштво. Добитник е и на благодарница за развивање на хуманизмот и солидарноста меѓу луѓето, благодарница за ширење на здравствената култура на населението и благодарница за унапредување на организацијата на Црвениот крст на Република Македонија.