НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРАВИ ХИСТЕРИЈА, ТУКУ ПОТРЕБЕН Е ЕДЕН ПОРАЦИОНАЛЕН ПРИСТАП ВО СПРАВУВАЊЕТО СО ОВОЈ ВИРУС

Интервју со д-р Горан Николов за Убавина и здравје

Денес разговараме со др. Горан Николов, специјалист интернист-кардиолог, извршен и стручен директор на Центарот за внатрешни болести СРЦЕ од Скопје.

Како дојде до тоа да се преселите на друга локација, во нови простории?

После 18 години постоење на Центарот за внатершни болсети СРЦЕ, како резултат на неговата успешна работа која се одликува со висока професионалност, посветеност, истрајност, грижа и домаќинско однесување, би рекол дека оваа селидба во новите простории е логичен след на нештата. Во изминатиот периот Ценарот СРЦЕ прерасна во една референтна, респектабилна приватна здравствена установа, така што просторно и организациски се заокружи уште една фаза во постоењето на центарот.

Концептот на работење на Центарот е исклучиво приватен, без договор со Фондот за здравствено осигурување, за разлика од повеќето други ординации кои имаат договори со ФЗО, можете ли да го објасните зошто е тоа така?

Мора да го истакнеме фактот дека сме една од ретките приватни здравствени установи кои работат и стопанисуваат сосема самостојно, без надворешна поддршка, сосема независно. Тоа е можно само со висока стручност и професионалност на лекарскиот тим и останатите вработени, а од друга страна пациентите се тие кои го препознаваат квалитетот на работење и бираат кому ќе ја дадат својата доверба, би рекол дека тие се нашиот електорат.

Кои се вработените, поточно кои го сочинува тимот на Центарот за внатрешни болести СРЦЕ?

За успешно работење тимската работа е клучна, би нагласил дека секој член на тимот е битен и има свое значење во работниот процес. Редовно вработениот тим е составен од лекари специалисти интернисти и кардиолог како носители на дејноста, потоа тим од нутриционисти, дипломиран инженер по биохемија, лаборант, медицински техничари, администратор. Покрај нив во Центарот ординираат и даваат консултативни услуги неколку наши врвни специјалисти и супспецијалисти од разни области на интерна медицина, кои секојдневно изведуваат најсофистицирани дијагностички процедури.
Со други зборови би рекле дека тука се некои од најдобрите интернисти во земјата собрани на едно место. Покрај дијагностиката и лекувањето веќе шеста година како започнавме и развиваме еден друг проект поврзан со превентивната медицина од областа на диететика и диетотерапија. Програмот е базиран на нашето повеќегодишно искуство од обезитологијата, ендокринологијата, метаболните нарушувања како дијабетесот, хиперлипидемиите и заболувањата на штитната жлезда и нивната взаемна поврзаност во настанувањето на кардиоваскуларните и другите заболувања.

Како долгогодишен и искусен лекар специјалист можете ли да дадете некои совет во врска со пандемијата која не ја заобиколи ни нашата земја?

Јас не сум експерт од областа на епидемиологијата и заразните болести, но како долгогодишен специјалист по интерна медицина и кардиологија би рекол дека не треба да се прави хистерија, туку е потребен еден порационален пристап во справувањето со овој вирус.
Секако дека треба да се спороведуваат пропишаните мерки (социјално дистанцирање, носење маски на лицето таму каде е тоа потребно итн.), но мислам дека е подеднакво важно справувањето со хроничните заболувања и состојби како покачениот крвен притисок, дијабетесот, состојбите после прележан инфаркт и мозочен удар, заболените од малигни заболувања…, би сакал да истакнам дека овие пациенти мораат редовно да се контролираат и да бидат под лекраски надзор. Стравот од зараза не треба да биде причина да се одбегнуваат редовните лекарски прегледи и контроли.

Search

+