БУБРЕЗИТЕ И ЗДРАВЈЕТО: ЗОШТО Е ВАЖНА ПРЕВЕНЦИЈАТА?

Бубрезите се меѓу најважните органи во нашето тело, одговорни за филтрирање на токсините, одржување на рамнотежата на течности, регулирање на крвниот притисок и поддршка на здравјето на коските. И покрај нивната витална функција, честопати ги занемаруваме сè додека не се појават здравствени проблеми. Затоа, превенцијата и грижата за бубрезите се клучни за зачувување на целокупното здравје и превенција од хронична бубрежна болест.

griza za bubrezite I prevencija

ФУНКЦИИТЕ НА БУБРЕЗИТЕ И НИВНАТА ВАЖНОСТ

Бубрезите се парен орган со форма на грав, сместен во задниот дел на стомачната празнина. Тие секојдневно ја преработуваат крвта, отстранувајќи отпадни материи и вишок течности преку урината. Покрај тоа, тие имаат и други важни улоги, вклучувајќи:

  • Регулација на електролитната рамнотежа (натриум, калиум, калциум)
  • Контрола на крвниот притисок преку регулирање на натриумот и лачење на хормонот ренин
  • Поддршка на здравјето на коските со активирање на витаминот Д
  • Производство на хормонот еритропоетин, кој помага во создавање црвени крвни клетки

Со оглед на нивната важна улога, оштетувањето на бубрезите може да доведе до сериозни компликации, како што се висок крвен притисок, анемија, остеопороза, па дури и срцеви заболувања.

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИТЕ ВАШИТЕ БУБРЕЗИ?

Бидејќи бубрежните заболувања често се развиваат без јасни симптоми, клучно е да се преземат превентивни мерки.

Одржувајте хидратација. Редовното внесување доволно вода (6-8 чаши дневно) помага во оптимално функционирање на бубрезите и спречува создавање на камења.

Избегнувајте преработена храна и вишок сол. Прекумерната консумација на солена храна го зголемува крвниот притисок и ја оптоварува функцијата на бубрезите. Намалете го внесот на сол под 5 грама дневно и избегнувајте преработени производи.

Контролирајте го крвниот притисок и шеќерот во крвта. Хипертензијата и дијабетесот се два од главните фактори на ризик за бубрежни заболувања. Редовното мерење и контрола на крвниот притисок и шеќерот во крвта може да помогне во превенција.

Одржувајте здрава телесна тежина. Прекумерната телесна тежина го зголемува ризикот од хронични заболувања како што се дијабетес и хипертензија, кои негативно влијаат врз функцијата на бубрезите. Здрава исхрана и редовна физичка активност можат значително да ја подобрат функцијата на бубрезите.

Избегнувајте прекумерна употреба на лекови без препорака. Честата употреба на нестероидни антиинфламаторни лекови (како ибупрофен и напроксен) може да предизвика оштетување на бубрезите доколку се користат долгорочно и без медицинска контрола.

Редовно правете превентивни прегледи. Тестовите за крв и урина можат да помогнат во раното откривање на бубрежни заболувања, дури и кога нема очигледни симптоми. Доколку имате зголемен ризик (семејна историја, висок крвен притисок или дијабетес), се препорачува почесто следење на здравствената состојба.

МЕСЕЦ ЗА ЗДРАВЈЕТО НА БУБРЕЗИТЕ

Овој месец се одбележа светскиот ден на бубрезите со цел да се подигне свеста за значењето на здравите бубрези и превенцијата од бубрежни заболувања. Порака е јасна – преземете одговорност за своето здравје и започнете со мали, но значајни промени во животниот стил.

Во Срце – Центар за внатрешни болести, нашиот тим на специјалисти е тука да ви помогне во одржување на оптимално здравје на бубрезите. Закажете превентивен преглед денес и чувствувајте се сигурни и здрави.

Search

+