КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ВЛИЈААТ НА КРВНИОТ ПРИТИСОК, НО И НА КАРДИОВАСКУЛАРНАТА СМРТНОСТ

Во ловот на тивкиот убиец, зголемениот крвен притисок, се имаме запознаено со неколку главни ‘демони’ на артериската хипертензија кои го осигуруваат ни малку убавиот епитет Светски убиец број 1.

srcevo zdravje toploten bran

Како потсетување ги наведуваме повторно демоните со кои треба да се фатиме во костец секојдневно:

  • прекумерен внес на готварска сол
  • дебелина
  • недоволна физичка активност
  • премал внес на овошје и зеленчук
  • пушење
  • неправилното мерење на крвниот притисок
  • нередовното земање на лекови.

Во последните декади во листата на причини за смртност и заболувања се во нагорна линија климатските промени и нечистата околина, посебно воздухот и водата, така што некогашните 4 јавачи на Апокалипсата преминаа во нов, смртоносен квинтет кој го чинат: артериска хипертензија, дебелина, шеќерна болест, климатските промени и загадениот воздух.

Влијанието на климатските промени врз крвниот притисок е забележано пред повеќе од 60 години кога се добиени првите податоци за сезонските разлики на крвниот притисок кои зависат од надворешната температура.

Последните децении следеа повеќе истражувања кои укажаа дека таа поврзаност постои не само за крвниот притисок, туку и за кардиоваскуларната смртност. Вредностите на крвниот притисок и смртноста се најголеми во студените зимски месеци, додека притисокот е најнизок во топлите летни месеци, што е проследено со најнизок степен на умирање.

На прв поглед овие податоци би можеле да наведат на заклучок дека глобалното затоплување ќе доведе кај луѓето пониски вредности на крвниот притисок и помала зачестеност на артериска хипертензија.

Но дали е навистина така?

Во животот ништо не е едноставно и често со очите не го гледаме она што е битно, а во медицината скоро секогаш 2+2 не се четри. Дополнителните истражувања со кои крвниот притисок се мери автоматски со 24-часовен Холтер за притисок укажуваат дека во летните месеци дневните вредности на крвниот притисок по ден се пониски, но ноќните вредности на крвниот притисок не се разликуваат од тие во зимскиот период.

Според тоа, во топлите месеци кај поголем број на луѓе во текот на ноќта не доаѓа до нормализирање и очекувано намалување на крвниот притисок, дури вредностите се еднакви или повисоки од дневните вредности. Ова е многу важен податок затоа што ноќните вредности на крвниот притисок се многу значаен предиткор на кардиоваскуларните и цереброваскуларните индиденти.

Ова треба да се запамети и сериозно да се сфати затоа што лекувањето на артериската хипертензија секогаш, а посебно во текот на летните месеци мора да се темели на 24-часовно мерење на крвниот притисок (ABP Holter).

Овој факт укажува дека лекувањето на артериската хипертензија не е ни малку лесно и како тој тивок убиец е подмолен и затскриен. Тоа значи дека и во ова опасно време на глобално затоплување со кое се соочуваме мора да се води сметка за тоа скриено лице на покачениот крвен притисок и се уште редовно да се користи 24-часовно мерење на крвниот притисок.

Исто така, болните додатно мораат да веруваат на своите лекари без кои не смеат самоволно да ја менуваат својата терапија.

Д-р Горан Николов, спец. интернист – кардиолог

Search

+