ПОЛИЦИСТИЧЕН ОВАРИЈАЛЕН СИНДРОМ – ЖЕНСКИOT МЕТАБОЛЕН СИНДРОМ

Полицистичен оваријален синдром (ПЦОС) е метаболно нарушување кое опфаќа 6.5-8% од жените во светот во репродуктивниот период. Менструалните и хормоналните нарушувања кои го придружуваат овој синдром ги насочуваат жените во репродуктивна возраст да бараат помош кај гинеколог затоа што тој е број еден причина за неплодност и доколку не се лекува може да го зголеми ризикот од ендометријален карцином.
Јасно е дека ПЦОС повеќе не се смета исклучиво само за гинеколошки проблем. 
Причинатa на состојбата е непозната, но според последните истражувања главното основно нарушување е инсулинската резистенција, при што доаѓа до зголемување на инсулинот во крвта (хиперинсулинемија) кој ги стимулира јајчниците да произведуваат повеќе андрогени (машки) хормони.

Инсулинот е моќен хормон кој се ослободува во телото од панкреасот како одговор на внес на храна – особено шеќери – јаглехидрати. Тој го транспортира шеќерот од крвта во мускулите, масното ткиво и црниот дроб, каде го претвора во енергија или го складира како масно ткиво. Повеќето жени со ПЦОС имаат инсулинска резистентност. Ова значи дека процесот на изнесување на шеќерот од крвта е пореметен – клетките се “резистентни” (отпорни) на инсулин. Панкреасот мора да произведува сè повеќе и повеќе инсулин за да го изнесе шеќерот од крвта и да го внесе во клетките.
Високото ниво на инсулин (хиперинсулинемија) може да предизвика хаос во телото што доведува до следните состојби: полицистични јајчници, дебелина и/или неможност за слабеење, зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања поради покачување на нивото на LDL (“лош” холестерол) и триглицеридите, намалување на нивото на HDL (”добар” холестерол) и зголемување на нивото на фактори на засирување на крвта. Дополнително ПЦОС може да го зголеми ризикот од дијабетес за 40% до возраст од 40 години.

Така, синдромот на полицистични јајчници исполнува многу од критериумите за метаболен синдром. Метаболниот синдром е збир од повеќе состојби – покачен шеќер во крвта, зголемени масти околу стомакот (стомачен тип на дебелина), покачени маснотии во крвта и/или покачен крвен притисок, кои заедно го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар и дијабетес. Според тоа синдромот на полицистични јајчници е ЖЕНСКИ ТИП НА МЕТАБОЛЕН СИНДРОМ. 

Сè до неодамна, исхраната не се сметаше за важен фактор во лекувањето на овој синдром. Сепак поради инсулинската резистенција сè поголем број лекари сметаат дека диетата треба да биде дел од планот за лекување. Иако се потребни понатамошни истражувања, се верува дека диетата може да помогне во намалувањето на инсулинската резистенција, која не само што може да ги ублажи
болните менструации, зголемената влакнетост (хирзутизам) и акните, туку и да го намали ризикот од срцеви заболувања и дијабетес. 
Зошто типичните нискомаслени диети немаат ефект?
Околу 50-60% од жените со ПЦОС се дебели. Се покажа дека губењето на дури 5% од телесната тежина може да доведе до исчезнување на акните, регулирање на менструалните циклуси и намалување на нивото на инсулинот и шеќерот во крвта. Сепак, многу жени со ПЦОС имаат потешкотии со губење на тежината поради високите нивоа на инсулин кој е одговорен за складирање на масти.
Стандартната нискомаслена – високојаглехидратна диета не е најдобриот избор за жените со ПЦОС. Зголемениот внес на шеќери-јаглехидрати, особено рафинирани јаглехидрати (т.е. слатки, бел леб, бел ориз, пецива итн.) брзо се претвораат во шеќер и доведуваат до покачување на нивото на инсулин. Поради тоа се препорачуваат шеќери -јаглехидрати со низок гликемичен индекс, т.е. јаглехидрати кои не предизвикуваат брз пораст на шеќерот во крвта. Тоа се сите интегрални житарици, нерафинирани шеќери, зеленчук и слично.
 Покрај диететскиот режим посебно треба да се обрне внимание на физичката активност. Особено се сметаат за погодни аеробните вежби (кардиофитнес пр. брзо одење, аеробик, возење велосипед, пливање, планинарење) затоа што доведуваат до забрзување на метаболизмот, побрзо топење на масните наслаги, доведуваат до намалување на крвниот притисок, ја подобруваат инсулинската резистентност и го зголемуваат нивото на HDL или т.наречен “добар” холестерол.

Текстот го подготвија
Др. Маја Врчаковска, специјалист-интернист

Александра Пренџова-дипломиран нутриционист и технолог по исхрана

Search

+