СВЕТСКИ ДЕН НА СРЦЕТО 2020 / ГРАДНА БОЛКА ПРЕДИЗВИК ЗА ЛЕКАРОТ

Иако живееме во едно необично време, во кое главната тема скоро на секој разговор е пандемијата со COVID-19, не смееме да ги заборавиме останатите теми кои значат живот. Текот на пандемијата не може да се предвиди, но затоа може да водиме сметка за своето здравје, а особено за кардиоваскуларното, кое што во овие посебни прилики е многу загрозено.

Светскиот ден на срцето не потсетува на важноста на оваа грижа на крајот на септември секоја година.

Како и секој 29 септември, и оваа година се обележува Светскиот ден на срцето, но за оваа тема би требало да се говори во текот на целата година. Целта на обележувањето на светскиот ден на срцето е да на луѓето им се обрне внимание на кардиоваскуларните болести и да им се приближи и објасни подобро оваа тема која е присутна во животот на многумина, а за која не се разговара доволно.

Кардиоваскуларните болести ширум светот се одговорни за поголема смртност од ракот и HIV, а бројот на луѓе кои умираат од заболување на срцето секој ден е во пораст. Од исклучително значење е подигнувањето на свеста за овие болести, како и промовирање на превентивни мерки за да не дојде до кардиоваскуларно заболување.

Годинешното мото на Светскиот ден на срцето #WorldHeartDay е #КористиГоСрцето #UseHeart

Користи го срцето… за себе, своите сакани и за целото општество

Кардиоваскуларните заболувања се најголем причинител за смрт на планетата земја. Причинители за кардиоваскуларни заболувања се многу – пушење, дијабетес, зголемен крвен притисок, дебелина, па дури и загадениот воздух.

Во моментот во кој се наоѓа светот, заболените од кардиоваскуларни болести се посебно изложени на двоен ризик. Заради фактот дека припаѓаат на ризична група, многумина стравуваат за своето здравје, па со тоа и ги избегнуваат редовните и задолжителни посети на лекар.

Со тоа заболените се доведуваат себеси во опасност, а тоа никако не смее да се случи. Без разлика дали Вие боледувате од некое кардиоваскуларно заболување, некој од вашите блиски, или пак некој кој само го познавате од видување – немојте да го занемарите вашето срце и да ја користите пандемијата како изговор за одложување на контролата кај лекар. Водете грижа за себе, за своите сакани, но и за целото општество.

Во време на КОВИД-19, грижата за Вашето срце е поважна од било кога до сега!

ГРАДНА БОЛКА ПРЕДИЗВИК ЗА ЛЕКАРОТ

Со одредување на карактерот, местото и начинот на ширење, тежината и времетраењето, како и причината за настанувањето на градните болки, попрецизно се дефинираат и издвојуваат срцевите болки од други болки во градниот кош со различна етиологија. Срцевите болки може да бидат категоризирани како: срцево-ишемични (ангинозни – кога има

затнување на крвните садови што го исхрануваат срцевиот мускул), перикардни (предизвикани од воспаление на срцевата кеса) и атипични градни болки. Градните болки исто така може да потекнуваат од големите крвни садови, како и заболувања на органи лоцирани во стомакот (пр. камчиња во бубрезите, жолчното ќесе, воспаление на панкреасот, чир на желудник, заболувања на хранопроводот).

СРЦЕВО-ИШЕМИЧНА БОЛКА (АНГИНА ПЕКТОРИС)

е опишана како стегање, тежина и притисок во пределот на градната коска со ширење кон долната вилица, рамењата и рацете, најчесто кон внатрешната страна на левото рамо и левата рака. Болката обично се манифестира при физички напрегања, возбуда, излегувања на студ, а може да биде проследена со препотувања, чувство на страв, слабост и мачнина. Обично трае неколку минути, а спонтано може да се намали или исчезне по прекинот на физичкото напрегање или по земањето на нитроглицерин под јазик. Ако болката е долготрајна (повеќе од половина час), а не се смирува при мирување и земање на нитроглицерин, упатува на инфаркт на срцевиот мускул.

ПЕРИКАРДНА БОЛКА

предизвикана од воспаление на срцевата ќеса – перикардитис. Локализирана е во пределот на градната коска, но со карактеристики кои ја разликуваат од

ангина пекторис: се зголемува при длабоко вдишување, во лежечка положба, при голтање и кашлање, а се намалува во седечка положба. Покрај болката се јавуваат симптоми: покачена температура, треска и потење.

АТИПИЧНА ГРАДНА БОЛКА

се манифестира со бодежи кои може да се шират по целиот граден кош и грбот во траење од неколку секунди, а понекогаш со часови и денови и е независна од физичко напрегање, возбуда, излегување на студ. Болката е непостојана, со променлив интензитет и промена на положбата на телото, многу често се јавува кај заболувања на мускулно – коскените структури и р’бетот, а понекогаш е со психолошка заднина.

ГРАДНА БОЛКА ОД РАСЦЕПУВАЊЕ НА АОРТАТА

(дисекција) почнува нагло, со жестока болка како кинење во градите која се шири кон вратот, грбот, рацете и/или нозете. Крвниот притисок е немерлив, пулсациите на крвните садови се ослабени.

ГРАДНА БОЛКА ПРИ БЕЛОДРОБНА ЕМБОЛИЈА

Болката почнува нагло, со јак интензитет, проследена со гушење, забрзано дишење, срцебиење, пад на крвниот притисок, бледило, помодрување. Оток или болка во ногата – венска тромбоза, неодамнешен оперативен зафат или продолжено лежење во кревет зарадиболест или повреда со горе наведените симптоми најчесто може да упатува на белодробна емболија.

ГРАДНА БОЛКА ПРЕДИЗВИКАНА ОД СТОМАКОТ

со пренесување и ширење кон градниот кош, често се јавува кај заболувања на хранопроводот, како што е хијаталната хернија, камчиња во жолчното ќесе и бубрезите, воспаление на панкреасот, улкусната болест итн. Градната болка претставува предизвик за секој лекар. Со добро земена анамнеза и преглед може да се утврди причината за нејзино настанување, а заради понатамошен правилен и правовремен третман на болниот.

Заради различната и богата симптоматологија за разликување на градната болка, неопходен е преглед од лекар специјалист интернист и евентуално кардиолог.

Текстот го напиша и подготви:
Горан Николов, специјалист интернист – кардиолог

Search

+