Дебелина и Ковид 19 можат да бидат смртоносна комбинација!

Дебелина и Ковид 19 можат да бидат смртоносна комбинација, која е главен виновник за зголемената смртност кај младите инфицирани со вирусот. По тој повод, Центарот за внатрешни болести

Срце како еден од регионалните лидерите во областа на обезитологијата објавува серија на промотивно – едукативни текстови на оваа тема.
Дебелината е глобален здравствен проблем кој зазема се пошироки граници. Таа претставува хронично, незаразно заболување со комплексна позадина. Може да започне во раното детство, а да продолжи со прогресивен пораст, особено во пубертетот, или пак во подоцната возраст, како резултат на неправилна исхрана и физичка неактивност.
Најчести фактори кои придонесуваат за дебелината се генетските, неправилни навики во исхраната, психички и социоекономски. Најголемо значење во справување со дебелината, имаат оние фактори на кои може да се делува: намалување на прекумерен внес на храна и алкохол, зголемена физичка активност, спраување со стрес.
Дебелината доведува до наталожување на маснотии во внатрешните органи, инсулинска резистенција и висок крвен притисок. Тоа води до други здравствени проблеми како дијабетес, срцева слабост, нарушена функција на бубрезите и црниот дроб.
Покрај таложењето на мастите под кожата, вишокот на масното ткиво се складира околу и во внатрешните ограни, т.н. висцерални масти кои најмногу му штетат на организмот. Мастите наталожени во стомачната регија се однесуваат како ендокрин орган кој лачи активни медијатори кои предизвикуваат хронично воспаление во телото, како и предиспозиција за појава на шеќерна болест и зголемен крвен притисок.
Судир на “две пандемии”
Англискиот завод за јавно здравство има објавено податоци кои покажуваат дека кај луѓето чиј индекс на телесна маса (ИТМ) изнесува од 30 до 35, ризикот од смрт од КОВИД-19 се зголемува за 40%, а дури за 90% кај оние чиј индекс на телесна маса е поголем од 40 (екстремна дебелина), во споредба со луѓето со нормална телесна тежина.
Сегашните докази јасно укажуваат дека прекумерната телесна тежина и дебелината се ризик за посериозен облик на инфекцијата со КОВИД-19, но и за многу други заболувања.
Експертите понатаму продолжуваат да истражуваат кој механизам точно ја објаснува врската помеѓу дебелината и КОВИД-19 инфекцијата, а за сега се потврдени неколку факти.
Прекумерната акумулација на маснотии може да влијае и на респираторниот тракт. Дебелите луѓе често имаат “глад за воздух” и недостаток на кислород во крвта и ткивата.
Масното ткиво има повеќе рецептори на ангиотензин конвертирачкиот ензим 2 (АКЕ2), кој што вирусот ги користи за влез во клетките. Стручњаците сметаат дека луѓето кои имаат повисоки нивоа на AКЕ2 рецептори можат полесно да се заразат со КОВИД-19.
Francesco Rubino, експерт за дебелина и директор на одделот за баријатриска и метаболна хирургија на лондонскиот King’s College, ја нарекува поврзаноста на КОВИД-19 и дебелината “судир на две пандемии”.
Тој вели дека во прв план треба да се стави поагресивното справување со дебелината. „Лекцијата од пандемијата со КОВИД-19 е дека нетретирањето на дебелината не е опција”.
Д-р Горан Николов, специјалист интернист – кардиолог

Search

+