ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИТЕ ПРЕД ДА ОДИТЕ ВО ЛАБОРАТОРИЈА? КОИ СЕ ФАКТОРИТЕ КОИ ВЛИЈААТ ВРЗ ЛАБОРАТОРИСКИТЕ АНАЛИЗИ, А ЗАВИСАТ ОД НАС?

Секоја лабораторија има свои методи на изработка на лабораториските тестови, како и калибрации и контроли на тестовите пред изработка на анализите. Но што треба да направите Вие пред да одите во лабораторија?

Кои се факторите кои треба да се одбегнат за Вашите резултати да бидат точни зависно од Вас?
Повеќето лабораториски испитувања на крвта се зависни од внесот на храна. Тоа значи дека неопходна е припрема која подразбира земање на примерок (на празен стомак) наутро, 12 часа од последниот оброк. Пример: Доколку имате прием во лабораторија во 8 часот наутро, последниот оброк треба да биде во или пред 20 часот предходниот ден. Ова е неопходно затоа што консумацијата на храна во периодот пред земањето на крвта доведува до пораст на концентрацијата на глукозата, триглицеридите, протеините, железото, електролитите, како и низа други биохемиски метаболити.
Препорачливо е еден ден пред лабораториските анализи да консумирате лесна храна, која не е богата со масти и шеќери (да не се јаде мајонез, сенф, полномасни млечни производи како овчо сирење или кашкавал, јагнешко или свинско месо, чоколади, парени колачи, торти итн.) и последниот оброк да не е обилен и да е најдоцна до 20 часот.

Пред да дојдете во лабораторија за земање на крв за изработка на анализи препорачливо е да се напиете вода, бидејќи честопати ни се случува да пациентот е дехидриран во текот на ноќта и да не може лесно да се се изведе процесот на венепункција (земање на крв). Потенцирам, 1-2 чаши вода не влијае на ниту еден лабораториски тест.

Кога зборуваме за тестот на оптеретување со глукоза (oрален глукоза толеранс тест или ОГТТ) кој претставува златен стандард за докажување на дијабет, треба да одвоите 2 часа од своето време бидејќи овој тест се прави во лабораторија, во траење од 120 минути. Кај мажи и небремени жени тестот се прави во две точки: на гладно и 2 часа по консумирање на растворот кој ќе ви го даде медицинското лице да го испиете. Кај трудници тестот се изработува во три точки: на гладно, 1 час по консумирање на растворот и на 2 часа по конзумирање на растворот. За време на изведувањето на самиот тест пациентот треба да мирува, не може да јаде, пие и пуши. Неколку дена пред изведувањето на тестот пациентот не би требало да се изложува на поголеми физички напори. Би требало да се прекине со земање на поедини лекови кои влијаат на метаболизмот на глукоза (пр. кортикостероиди), но само во договор со лекарот. Важно е три дена пред тестот да се оптерети организмот со внес на шеќери. Овој тест се прави под надзор на медицинско лице.

Доколку пациентот прима некаква терапија, има правила како треба да постапи со терапијата пред да дојде во лабораторија и секако задолжително е да го информира медицинското лице за терапијата која ја прима. Оние пациенти кои се на орална антикоагулантна терапија препорачливо е венепункцијата да биде во утринските часови и земање на вообичаената терапија да биде после вадењето на крвта.

Кога сме на темата влијанието на терапијата врз лабораториските резултати, дали станува збор за суплементација со железо при анемија, или пак антибиотик при инфекти или пак хормонална терапија, за да се добијат веродостојни резултати, во договор со Вашиот лекар, земањето крв треба да се врши после прекин со терапијата или wash out период (времето неопходно целиот лек да се исфрли од организмот) кој трае од 7-10 дена. Доколку сте упатени за испитување на CK (креатин киназа) или LDH (лактат дехидрогеназа), треба да се избегнува физичка активност, затоа што влијае на зголемувањето на нивоата на овие мускулни ензими.
Треба да се знае дека вадењето на крв за пролактин, кортизол, ACTH, катехоламини, мора да се изведува во состојба на потполна релаксација и мирување (лежење) од 20 – 30 минути. Ова се хормони кои покажуваат изразено дневно варирање, затоа препорачливо е овие анализи да се изработат од примерок земен рано наутро.

Определувањето на тромесечниот гликолизиран хемоглобин или тест познат под името HBA1c, се прави независно од внесот на храна. Бидејќи тестот го определува просекот на нивото на шеќер во крвта на пациентот со просек од три месеци, кај него не е важно дали пациентот ќе се боцне наутро или попладне, дали е гладен или не. Истото важи и за испитувањето на тироидните хормони (TSH или FT4), истите се испитуваат во било кое време од денот и независно од внесот на храна. Исто така меѓу параметрите за кои нема фактор на ризик, односно не зависат од гладна состојба и нема посебен протокол за припрема на пациентот, се: антителата за тироидна жлезда (anti TPO и anti Tg), потоа маркерот за инфекција (CRP), сите инфективни вирусни маркери (маркери за хепатит A (HAV IgG и HAV IgM, маркери за хепатит Б (HBsAg I останатите), маркери за хепатит C (Anti HCV) и анти HIV, како и туморските маркери итн.

М-р. Марија Димковска Рибарова, дипл. инженер по биохемија

Search

+