Срцето во услови на КОВИД-19 пандемија

Почитувани, би сакале во неколку продолженија да го споделиме искуството од мултидисциплинарниот симпозиум “Што следи во пост-КОВИД-19 периодот?” организиран од Pliva – TEVA.

Од започнувањето на пандемијата со Covid-19 помина една година. Сѐ започна во декември 2019 година, во Вухан, Кина, каде се појави нов вирус од фамилијата на коронавируси, SARS Cov-2, предоминантно како респираторна болест. Пациентите имаат пулмолошки компликации, но и кардиоваскуларниот систем не е поштеден. Инкубацијата на болеста трае просечно 5 дена, а симтомите (потешките симптоми) се појавуваат околу десетиот ден. Пациентите манифестираат: фебрлност, грозница, кашлање, искашлување, болки во целото тело и мускули, отежнато дишење, а поретко и главоболка, вртоглавица, повраќање, мачнина или пролив. Најчести лабароториски неправилности се: лимфопенија, тромбоцитопенија, зголемен CRP, зголемени LDH и D-димери, а поретко и зголемени CK, AST, ALT или билирубин. Вредностите на D-димерите корелираат со тежината на болеста, па така оние со повисоки вредности имаат потешка клиничка слика. Покачувањето на фибриногенот и фибрин се поврзани со ризик од дисеминирана интраваскуларна коагулација.

Механизмот на воспалителниот одговор најчесто се манифестира со обострано воспаление на белите дробови. Почесто се појавува кај постарата популација и оние со кардиоваскуларни заболувања. Тоа е поради тоа што вирусот директно се врзува за клетките на ендотелот за нивниот ACE-2 рецептор, со што компетитивно, индиректно доведува до создавање на воспалителни молекули, кое пак, доведува до воспаление на ѕидот на крвните садови – ендотелитис. Ендотелијална дисфункција е присутна кај повозрасните, дебелите, луѓето со шеќерна болест и пушачите. Таа се карактеризира со провоспалителна, протромботска настроеност и вазоконстриктција, а тоа води до зголемен ризик од создавање на засирок-тромб. Според тоа, овие пациенти се издвојуваат како ризична група на заболени со Covid-19.

Од пациентите заболени со Covid-19 кои имаат претходно кардиоваскуларно заболување, една четвртина манифестира белодробна емболија, а друга четвртина, манифестира срцев удар. Карактеристично за Covid-19 вирусот е што има директна цитотоксичност на срцето. Тој се врзува за ACE-2 рецепторите, а со тоа предизвикува хипоксемија, несоодветен однос меѓу кислородните потреби на ткивата и нивно снабдување (supply-demand mismatch) и последователно доведува до т.н. цитокинска бура, која е најчеста причина за смртен исход кај овие пациенти. Сите овие процеси конечно придонесуваат за развој на акутен коронарен синдром, инфаркт на срцевиот мускул, миокардитис, длабока венска тромбоза, како и белодробна емболија. Забележани се и нарушувања во спроведувањето на срцевите импулси, што доведува до појава на аритмии, понекогаш и животнозагрозувачки. Наведените состојби на крајот може да придонесат до развој на срцева слабост. Затоа што Covid-19 на прво место го зафаќа респираторниот, а потоа и кардиоваскуларниот систем, како прва сериозна манифестација може да биде белодробна емболија, а по десетиот ден од инфекцијата, развој на срцев инфаркт.

Претходно кардиоваскуларно заболување негативно влијае на текот на инфекцијата со Covid-19. Исто така, староста е поврзана со потежок тек на инфекцијата.25% од пациентите со Covid-19 имаат една или повеќе пропратни болести, како хипертензија, коронарна артериска болест и други заболувања. Веројатноста од развој на потежок клинички тек на болеста е два пати поголема кај пациенти кои имаат претходно срцево заболување. Токму затоа, во ова време, грижата за лекувањето и заштита на овие пациенти е од огромна важност. Исто така, хипетензијата сама по себе претставува независен ризик фактор, независно од возраста на пациентот.

Испитувањата покажале дека антихипертензивните лекови, од групата на ACE-инхибиторите или блокатори на ангиотензин 2 рецептори , немаат влијание врз текот и исходот од инфекцијата со Covid-19. Напротив, пациентите мора да продолжат со редовното земање на својата антихипертензивна терапија со цел регулирање на крвниот притисок, а со тоа и намалување на ризикот од потежок клинички тек на болеста. Впрочем, сите кардиоваскуларни пациенти треба да продолжат да ги пијат своите лекови и да внимаваат на редовна хидратација, полесни оброци и одмор.

Почетните очекувани симтоми на Covid-19 инфекцијата, како температура, кашлање, општа слабост, намлено чувство за мирис и вкус, се третираат симтоматски (без антибиотици и кортикостероиди), се доколку не се појават алармантни симтоми како отежнато дишење, долготрајна градна болка, конфузија, изразена слабост, модри усни или лице, каде што е потребна болничка грижа. Сатурација на кислород под 92% бара болничко иследување, додека пак под 90%, проследена со тахипнеа, тахикардија и цијаноза е причина за итна хоспитализација.

Covid-19 вирусот не е вирус кој цели само кон оние со кардиоваскуларно заболување, но претставува додатно оптеретување и ризик кај овие пациенти. Со своите хиперкоагулабилни својства може да предизвика различни компликации како длабока венска тромбоза, белодробна емболија и срцев инфаркт. Кај тешките облици на инфекцијата поврзани со сериозни компликации потребно е да се следат параметрите на коагулација, D-димерите, електролитите, електрокардиограм. Секако, пациентите треба да продолжат со земање на својата хронична терапија.

Превел и прилагодил: д-р Горан Николов.

Search

+