ПРИЧИНИ, СИМПТОМИ, ТРЕТМАНИ И ПРЕВЕНЦИЈА ОД ДЕХИДРАТАЦИЈА
Секојдневно во организмот преку храната и течностите внесуваме одредена количина на вода во телото, а истовремено и одредена количина губиме (преку мокрење, дишење, потење). Односот помеѓу внесот и губитокот на течност во телото е избалансиран, меѓутоа при некои состојби доаѓа до недоволен внес или поголем губиток на течноста, што доведува до дехидратација.
Водата е од голема важност за правилно функционирање на нашиот организам, вклучувајќи регулирање на телесната температура, подмачкување на зглобовите, варење, елиминација на непотребни и штетни материи, транспорт на кислородот итн. Кога организмот нема доволно течност, доаѓа до нарушување на овие функции.

ПРИЧИНИ ЗА ДЕХИДРАТАЦИЈА НА ОРГАНИЗМОТ
Губитокот на поголеми количини на течност се јавува при повраќање, дијареа, преголемо потење (при многу високи температури, физичка активност), како и зачестено мокрење кај дијабетичари. Доенчињата и малите деца полесно дехидрираат во однос на поголеми деца и возрасни, поради побрзиот губиток на течност.
Кај децата, најчестата причина за дехидратација се вирусните инфекции кои предизвикуваат дијареа, повраќање, висока температура и намалена желба за внес на храна и течности.
Дехидратацијата може да биде блага, умерена и тешка во зависност од количината на изгубената течност.
ДЕХИДРАТАЦИЈА КАЈ ПОСТАРИ ЛИЦА
Треба да се истакне дека постарите лица се поризични за настанување на компликации од недостаток на течности. Одржувањето на адекватна хидрација е клучно за превенција од здравствени компликации.
Причини за дехидратација кај постари лица:
Намалено чувство за жед. Со годините, чуството за жед може да ослабе, поради што често постарите луѓе не чувствуваат потреба за пиење на вода.
Физиолошки промени. Со стареењето, се губи способноста на телото да ја задржи водата, а бубрезите стануваат помалку ефикасни во концентрирањето на урината.
Лекови. Некои лекови кои ги зимаат повозрасните лица имаат диуретски ефект, што дополнително води до губиток на течност.
Хронични заболувања. Состојби како што се дијабетесот, бубрежни заболувања и деменција можат да го зголемат ризикот од дехидратација.
Намалена подвижност. Потешкотиите во движењето на постарите лица им го отежнуваат земањето и набавувањето на течности и сл.
СИМПТОМИ НА ДЕХИДРАТАЦИЈАТА – КАКО ДА СЕ ПРЕПОЗНАЕ ДЕХИДРАТАЦИЈАТА?
Симптомите на дехидратација се: чувство на жед, сува уста, сув и обложен јазик, црвенило на лицето, сува кожа, малку или воопшто солзење на очите, главоболка, темна и густа урина, тврда столица или запек, поспаност и умор, послаб пулс, побрза работа на срцето, грчеви во нозете и рацете, намалено потење, мачнина, повраќање итн. Дехидратацијата кај бебињата може да се препознае по вовлекување на фонтанелата.
Кај тешката дехидратација симптомите се екстремна жед, вртоглавица, низок крвен притисок, запек кој трае неколку денови, грозница, несвестица и губиток на потребата за уринирање. Тоа доведува до конфузност, кома и смрт и потребна е итна медицинска помош.
ТРЕТМАН НА ДЕХИДРАТАЦИЈА
Терапијата зависи од степенот на дехидратација и од причинителот. Губитокот на течности може да се надокнади: орално (со пиење), преку сонда или интравенски. Интравенското давање на течности неопходно е кај деца со тешка дехидратација за да брзо се надокнади изгубената количина на течност во циркулацијата.
Во поголемиот број од случаите, дехидратацијата се санира со внес на доволни количини на течност или специјални раствори за рехидратација кои ќе ги надокнатат водата и електролитите кои лицето ги изгубило.
КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ ПРЕКУМЕРЕН ГУБИТОК НА ТЕЧНОСТ ОД ОРГАНИЗМОТ И НАСТАНУВАЊЕ НА ДЕХИДРАТАЦИЈА?
Најдобрата заштита од дехидратација е превенција, односно количински доволен внес на течности преку храна и пијалоци. Кај децата особено е важно да се воспостави ритам на редовен внес на течности препознавајќи ги ситуациите (болест, треска, голем физички напор, искачање на први заби) при кои е потребно поголем внес на течности. За доенчињата, потребно е редовно, често хранење.
За да се спречи дехидратацијата, потребно е да се внесува вода пред да се почувствува жед, бидејќи кога ќе се почувствува жедта, веќе дошло до блага дехидратација. Во исхраната потребно е да се внесат повеќе намирници како свежо овошје и зеленчук, а да се избегнуваат внес на алкохол, како и престој во климатизирани простории.
ЗАКАЖАТЕ РЕДОВЕН ПРЕГЛЕД ВО СРЦЕ – ЦЕНТАР ЗА ВНАТРЕШНИ БОЛЕСТИ
Хидратацијата е есенцијална за одржување на општото здравје и благосостојба. Внимавајте на внесот на вода и правете проактивни чекори за да останете хидрирани. Ако имате било какви грижи за вашето здравје закажете редовен преглед и консултирајте се со нашиот тим во Срце – Центар за внатрешни болести.
Др. Нина Николова, доктор по општа медицина