РЕФЛУКС: ШТО ГО ПРЕДИЗВИКУВА И КАКО ДА ГО КОНТРОЛИРАТЕ
Гастроезофагеалниот рефлукс, попознат како рефлукс или ГЕРБ (гастроезофагеална рефлуксна болест), е чест здравствен проблем кој погодува многу луѓе. Тој се јавува кога киселините од желудникот се враќаат назад во хранопроводот, предизвикувајќи иритација и непријатност. Но, што е она што го предизвикува рефлуксот, кои се неговите симптоми и како може да го контролирате преку промени во исхраната и начинот на живот.

ШТО ГО ПРЕДИЗВИКУВА РЕФЛУКСОТ?
Рефлуксот е резултат на слабеење на долниот езофагеален сфинктер (ДЕС), вентил кој се наоѓа на границата помеѓу желудникот и хранопроводот. Кога овој сфинктер не функционира правилно, желудочните киселини може да навлезат во хранопроводот, што предизвикува чувство на печење или болка, популарно наречено “жарење во градите” или киселини.
Исхраната игра значајна улога во создавањето на рефлуксна болест. Храна богата со масти, зачинета храна, чоколадо, кафе, алкохол и газирани пијалоци може да го зголемат ризикот од појава на оваа болест. Исто така, начините на кои јадеме може да имаат влијание – прејадувањето или консумирањето на големи оброци пред спиење го зголемуваат притисокот врз стомачната празнина и го влошуваат рефлуксот.
Покрај исхраната, начините на живот исто така се важни. Пушењето е уште еден важен фактор, а исто така и стресот. Според една студија, хроничниот стрес може да придонесе за зголемена продукција на киселини во желудникот, што го зголемува ризикот од рефлукс. Прекумерната тежина исто така го зголемува ризикот, бидејќи дополнителниот притисок врз абдоминалната област го зголемува ризикот од враќање на желудочните киселини во хранопроводот.
СИМПТОМИ НА РЕФЛУКС
Најчестиот симптом на рефлуксот е чувството на жарење во градите, кое често се појавува после оброк или кога легнувате. Други симптоми може да вклучуваат:
- Грло кое пече или гори
- Кисел вкус во устата
- Потешкотии при голтање
- Сува кашлица или честа појава на икање
- Чувство на надуеност или подуеност
КАКО ДА ГО КОНТРОЛИРАТЕ РЕФЛУКСОТ?
Контролата на рефлуксот најчесто започнува со промени во начинот на живот и исхраната. Еве неколку практични совети:
ПРОМЕНЕТЕ ЈА ИСХРАНАТА
- Избегнувајте храна која го поттикнува рефлуксот. Намалете го внесот на масна, пржена, и зачинета храна, како и чоколадо, кофеин, алкохол и газирани пијалоци.
- Јадете помали и почести оброци. Прејадувањето може да го зголеми притисокот врз стомачната празнина и да го влоши рефлуксот.
- Не јадете пред спиење. Избегнувајте храна најмалку два до три часа пред да легнете.
ПРОМЕНЕТЕ ГО НАЧИНОТ НА ЖИВОТ
- Одржувајте здрава тежина. Намалувањето на прекумерната тежина може значително да го намали ризикот од рефлукс.
- Престанете да пушите или намалете го пушењето. Никотинот го ослабнува сфинктерот и го поттикнува појавувањето на рефлуксна болест.
- Избегнувајте лежење веднаш по оброк. Почекајте најмалку два часа по оброк пред да легнете.
- Подигнете го горниот дел од телото при спиење. Користете перници за да го подигнете горниот дел од телото и да спречите враќање на киселините во хранопроводот.
- Избегнувајте тесна облека. Носете облека која не го притиска стомакот и не создава дополнителен притисок.
НАМАЛЕТЕ ГО СТРЕСОТ
- Релаксирајте се. Практикувајте техники за релаксација како длабоко дишење, медитација или јога за да го намалите стресот, кој може да го влоши рефлуксот.
- Редовна физичка активност. Физичката активност помага не само во контрола на тежината, туку и во подобрување на целокупното здравје.
ПОСЕТЕТЕ ГО ЦЕНТАРОТ ЗА ВНАТРЕШНИ БОЛЕСТИ „СРЦЕ“ АКО СЕ СООЧУВАТЕ СО РЕФЛУКСНА БОЛЕСТ
Ако и покрај промените во начинот на живот и исхраната, симптомите на рефлуксот се зачестуваат или се влошуваат, важно е да се консултирате со лекар. Долготрајниот и нелекуван рефлукс може да доведе до посериозни здравствени проблеми како што се оштетување на хранопроводот или појава на чирови.
Во Срце нудиме целосен спектар на дијагностички и терапевтски услуги за пациенти со гастроезофагеален рефлукс. Нашите специјалисти се тука да ви помогнат да најдете решение кое ќе ви овозможи полесен и поквалитетен живот. Контактирајте не за преглед, консултации или третман.