ВИСОК КРВЕН ПРИТИСОК ВО БРЕМЕНОСТ И ПРЕЕКЛАМПСИЈА: ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ?
Високиот крвен притисок во бременоста е чест здравствен проблем кој може да има влијание врз мајката и бебето. Навременото препознавање и водење на оваа состојба е од големо значење за здравјето на двете страни.
Високиот крвен притисок во текот на бременоста е состојба што бара внимателно следење од тим на специјалисти, вклучувајќи го и нефрологот. Ова е особено важно кога состојбата е придружена со компликации како што е прееклампсијата.

ШТО Е ВИСОК КРВЕН ПРИТИСОК ВО БРЕМЕНОСТ?
Висок крвен притисок или хипертензија во бременоста се јавува кога вредностите на крвниот притисок се 140/90 mmHg или повисоки, мерени во најмалку два различни наврати. Можно е да се работи за:
- Хронична хипертензија: ако постоела пред бременоста или се јавила пред 20-тата недела
- Гестациска хипертензија: ако се појавила после 20-тата недела од бременоста, при што обично се повлекува по пород увањето.
КАКО СЕ ТРЕТИРА ОВАА СОСТОЈБА ?
За третманот на висок крвен притисок и превенција на прееклампсија се потребни редовни гинеколошки и нефролошки прегледи. Вашиот лекар ќе препише лекови к ои се безбедни за бременоста, а нефрологот ќе ја прилагоди терапијата.
За следење на состојбата се потребни чести проверки на крвниот притисок и анализи на крв и урина за следење на протеинурија и бубрежната функција. Потребна е модификација на животниот стил со низок внес на сол, балансирана исхрана богата со витамини и минерали и одмор и редуцирање на стрес. Во тешки случаи, може да биде неопходно предвремено породување.
ШТО Е ПРЕЕКЛАМПСИЈА?
Прееклампсијата е сериозна состојба која се јавува после 20-тата недела од бременоста и е поврзана со:
- Висок крвен притисок.
- Присуство на протеини во урината.
- Понекогаш и други симптоми како главоболка, заматен вид, оток на лицето и рацете, болка во горниот дел на стомакот.
Без третман, прееклампсијата може да доведе до опасни компликации, како што се еклампсија, предвремено породување, или сериозни проблеми со бубрезите, црниот дроб, и коагулацијата на крвта. Можно е и предвремено породување или компликации кај бебето.
ЗОШТО Е ВАЖЕН НЕФРОЛОГОТ ВО ОВАА СОСТОЈБА?
Нефрологот игра клучна улога во дијагностицирање и следење на здравјето на бубрезите кај трудници со висок крвен притисок и прееклампсија.
Дијагноза на оштетување на бубрезите: Бубрежната функција се следи преку анализа на крв, урина и ултразвук на бубрезите.
Следење на протеинурија: Присуството на протеини во урината е важен индикатор за прееклампсија.
Водење на хипертензија: Нефрологот може да помогне во изборот на најбезбедни лекови за контролирање на крвниот притисок во текот на бременоста.
КОГА Е ПОТРЕБНА ИТНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ?
Ако забележите некој од следниве симптоми, веднаш обратете се на лекар:
- Силна главоболка што не поминува.
- Заматен или намален вид.
- Силен оток на лицето, рацете или нозете.
- Болка во горниот дел на стомакот.
- Нагло намалување на урината.
Со тесна соработка меѓу гинекологот, нефрологот и другите здравствени работници, може успешно да се води состојбата на висок крвен притисок за безбедна бременост и здраво бебе.
ПО ПОРОДУВАЊЕ
Некои жени може да продолжат да имаат висок крвен притисок или бубрежни проблеми и после породувањето. Затоа е важно да се продолжи со редовни прегледи кај нефролог.
- Проф. Др. Билјана Герасимовска