ВИСОК КРВЕН ПРИТИСОК ВО БРЕМЕНОСТ И ПРЕЕКЛАМПСИЈА: ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ?

Високиот крвен притисок во бременоста е чест здравствен проблем кој може да има влијание врз мајката и бебето. Навременото препознавање и водење на оваа состојба е од големо значење за здравјето на двете страни.

Високиот крвен притисок во текот на бременоста е состојба што бара внимателно следење од тим на специјалисти, вклучувајќи го и нефрологот. Ова е особено важно кога состојбата е придружена со компликации како што е прееклампсијата.

visok krven pritisok vo bremenosta

ШТО Е ВИСОК КРВЕН ПРИТИСОК ВО БРЕМЕНОСТ?

Висок крвен притисок или хипертензија во бременоста се јавува кога вредностите на крвниот притисок се 140/90 mmHg или повисоки, мерени во најмалку два различни наврати. Можно е да се работи за:

  • Хронична хипертензија: ако постоела пред бременоста или се јавила пред 20-тата недела
  • Гестациска хипертензија: ако се појавила после 20-тата недела од бременоста, при што обично се повлекува по пород увањето.

КАКО СЕ ТРЕТИРА ОВАА СОСТОЈБА ?

За третманот на висок крвен притисок и превенција на прееклампсија се потребни редовни гинеколошки и нефролошки прегледи. Вашиот лекар ќе препише лекови к ои се безбедни за бременоста, а нефрологот ќе ја прилагоди терапијата.

За следење на состојбата се потребни чести проверки на крвниот притисок и анализи на крв и урина за следење на протеинурија и бубрежната функција. Потребна е модификација на животниот стил со низок внес на сол, балансирана исхрана богата со витамини и минерали и одмор и редуцирање на стрес. Во тешки случаи, може да биде неопходно предвремено породување.

ШТО Е ПРЕЕКЛАМПСИЈА?

Прееклампсијата е сериозна состојба која се јавува после 20-тата недела од бременоста и е поврзана со:

  • Висок крвен притисок.
  • Присуство на протеини во урината.
  • Понекогаш и други симптоми како главоболка, заматен вид, оток на лицето и рацете, болка во горниот дел на стомакот.

Без третман, прееклампсијата може да доведе до опасни компликации, како што се еклампсија,  предвремено породување, или сериозни проблеми со бубрезите, црниот дроб, и коагулацијата на крвта. Можно е и предвремено породување или компликации кај бебето.

ЗОШТО Е ВАЖЕН НЕФРОЛОГОТ ВО ОВАА СОСТОЈБА?

Нефрологот игра клучна улога во дијагностицирање и следење на здравјето на бубрезите кај трудници со висок крвен притисок и прееклампсија.

Дијагноза на оштетување на бубрезите: Бубрежната функција се следи преку анализа на крв, урина и ултразвук на бубрезите.

Следење на протеинурија: Присуството на протеини во урината е важен индикатор за прееклампсија.

Водење на хипертензија: Нефрологот може да помогне во изборот на најбезбедни лекови за контролирање на крвниот притисок во текот на бременоста.

КОГА Е ПОТРЕБНА ИТНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ?

Ако забележите некој од следниве симптоми, веднаш обратете се на лекар:

  • Силна главоболка што не поминува.
  • Заматен или намален вид.
  • Силен оток на лицето, рацете или нозете.
  • Болка во горниот дел на стомакот.
  • Нагло намалување на урината.

Со тесна соработка меѓу гинекологот, нефрологот и другите здравствени работници, може успешно да се води состојбата на  висок крвен притисок за безбедна бременост и здраво бебе.

ПО ПОРОДУВАЊЕ

Некои жени може да продолжат да имаат висок крвен притисок или бубрежни проблеми и после породувањето. Затоа е важно да се продолжи со редовни прегледи кај нефролог.

  • Проф. Др. Билјана Герасимовска

Search

+