МАСЕН ЦРН ДРОБ АСОЦИРАН СО МЕТАБОЛНА ДИСФУНКЦИЈА: ШТО ТРЕБА ДА СЕ ЗНАЕ?
ШТО ПРЕТСТАВУВА МАСНИОТ ЦРН ДРОБ АСОЦИРАН СО МЕТАБОЛНА ДИСФУНКЦИЈА?
Масен црн дроб, или стеатотична црнодробна болест асоцирана со метаболна дисфункција (Metabolic dysfunction-associated steatotic liver disease, MASLD) е состојба во која како последица на на метаболна дисфункција, во клетките на црниот дроб се таложат масти.
Доколку таложењето на мастите е интензивно и долготрајно, овој процес може да предизвика појава на воспаление на црниот дроб, состојба дефинирана како стеатохепатит асоциран со метаболна дисфункција, (Metabolic dysfunction-associated steatohepatitis, MASH).

КАКВА Е ЗАСТАПЕНОСТА НА ОВАА СОСТОЈБА ВО СВЕТСКИ РАМКИ?
Стеатотичната црнодробна болест асоцирана со метаболна дисфункција е најзастапеното црнодробно заболување во западниот индустријализиран свет. Истражувањата порценуваат дека во светски рамки, оваа состојба е присутна кај околу 30% од популација, додека во Северна Америка застапеноста е уште повисока и се регистрира кај дури 44% од популацијата.
КОЈА Е ПРИЧИНАТА ЗА ПОЈАВАТА НА МАСЕН ЦРН ДРОБ И СО КОИ СОСТОЈБИ Е АСОЦИРАН?
Причините за појава на масна црнодробна болест не се доволно познати и јасно дефинирани. Сепак, утврденото е дека оваа состојба многу почесто се развива кај пациенти со присуство на метаболен синдром што вклучува:
- Прекумерна телесна тежина: Body mass index (BMI) > 25
- Инсулинска резистенција (предијабет и дијабет)
- Покачени масти во крвта (холестерол и/или триглицериди)
- Покачен крвен притисок
КОИ СИМПТОМИ ГИ ПРЕДИЗВИКУВА МАСНИОТ ЦРН ДРОБ?
Пациентите со масен црн дроб вообичаено немаат никакви симптоми, иако црнодробните ензими (AST, ALT) понекогаш можат да бидат лесно покачени. Пациентите со стеатохепатит, исто така вообичаено се аспимтоматски, иако кај нив како последица на воспалителниот процес понекогаш може да се јави лесна и тапа болка под десниот ребрен лак, замор или малакслост, а црнодробните ензими се вообичаено повисоки.
КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА ОВАА СОСТОЈБА?
Ултразвук на абдомен. Доколку замастувањето зафаќа најмалку 20 % од црнодробниот паренхим, тогаш масниот црн дроб може лесно да се дијагностицира со ултразвучен преглед
Магнетната резонанца. Метода која може порецизно да го детектира и квантификува присуството на масти во црнодробниот паренхим.
Биопсија на црниот дроб за стеатохепатит. Иако присуството на покачени црнодробни ензими, леукоцити и CRP кај пациентите со масен црн дроб упатуваат на присуството на стеатохепатит, сепак за дефинитивно дијагностицирање на оваа состојба потребна е патохистолошка анализа на мал примерок од црнодробно ткиво, односно, биопсија на црниот дроб.
Транзиторна еластографија/ фиброскен. Методи со кои преку мерење на цврстината на црниот дроб може да се процени присуството на црнодробна фиброза која може да се појави како последица на долготрајна стеатотична црнодроба болест.
КАКО СЕ ЛЕКУВА МАСНИОТ ЦРН ДРОБ АСОЦИРАН СО МЕТАБОЛНА ДИСФУНКЦИЈА?
Не постојат конкретни тераписки мерки насочени кон самиот процес на црнодробно замастување. Терапевтските мерки се насочени кон основниот и/или придружните асоцирани состојби за кои се смета дека имаат улога во развојот и прогресијата на оваа состојба. Такви мерки се
- Регулирање на прекумерната телесна тежина. Клучна тераписка мерка која го намалува воспалителниот процес, ја подобрува метаболната дисфункција и го намалува кардиваскуларниот ризик.
За да дојде до одредено “одмастување” на црниот дроб потребно е да се редуцира најмалку 5% од телената тежина, додека за контрола на воспалителниот процес кај пациентите со стеатохепатит или црнодробна фиброза, се препорачува намалување за најмалку 7-10% од телесната тежина. Притоа, во тек на слабеењето не треба да се намалува повеќе од 1 кг/неделно.
- Соодветна гликорегулација кај пациентите со дијабет по препорака на ендокринолог
- Антилипемичен третман. Примена на лекова за намалување на мастите во крвта кај пациентите кај кои истото не се постигнува со диета со ниска концентрација на животински масти.
- Регулирање на крвниот притисок кај пациентите со хипертензија
- Примена на соодветен степен на физичка активност согласно возраста и конституцијата
- Придржување кон режим на здрава исхрана т.н “медитеранска диета”
- Одбегнување/забрана за консумација на алкохол
ДОЛНИТЕЛНИ ТЕРАПИСКИ МЕРКИ КАЈ СЕЛЕКТИРАНА ГРУПА НА ПАЦИЕНТИ
- Витамин Е. Кај пациенти со потешка форма на стеатохепати, кои немаат дијабет, примената на Витамнин Е може да помогне во контрола на црнодробниот воспалителен процес. Поради асоцираност со одредени несакани ефекти, треба да се зема само со препорака на лекар.
- Вакцина против хепатит А и хепатит Б
КАКОВ Е ТЕКОТ НА БОЛЕСТА И КОИ СЕ ГЛАВНИТЕ РИЗИЦИ ОД ПРИСУСТВОТО НА МАСЕН ЦРН ДРОБ АСОЦИРАН СО МЕТАБОЛНА ДИСФУНКЦИЈА?
- Фиброза/цироза на црниот дроб. Повеќето пациенти со масен црн дроб нема да се соочат со сериозни црнодробни нарушувања. Сепак, кај одреден процент на пациенти со стеатохепатит, доколку воспалението не се стави под контрола, заболувањето може да има прогресивен тек и да предизвика созадавње на црнодробна фиброза/цироза, односно да води кон напредната, иреверзибилна оштета на црниот дроб со последоватално нарушување на црнодробната функција.
- Карцином на црниот дроб. Присуството на метаболно асоцирана стеатоза, а особено присуството на стеатохепатит или црнодробна цироза претстатвува ризик фактор кој придонесува за развој на карцином на црниот дроб. Според податоците од литературата хепатоцелуларен карцином се развива кај приближно 1-2% од пациентите со MASH- асоцирана црнодробна цироза поради што кај оваа група на пациенти се препорачува спорведување на редовни превентивни ултразвучни прегледи, вообичаено на секои 6 месеци со или без мерење на концентрацијата на алфа-фетопротеин (AFP) кој претставува серумски маркер на карциномот на црн дроб.
научен соработник д-р Елена Цуракова Ристовска
интернист гастроентерохепатолог