КОИ СЕ РАНИ СИМПТОМИ НА ДИЈАБЕТЕС И КАКО НАВРЕМЕНО ДА ГО ОТКРИЕТЕ?

Во Европа, 1 од 11 возрасни луѓе има дијабетес, а бројот на заболени се очекува да порасне до 69 милиони до 2045 година. Симптомите на дијабетес може да се разликуваат од индивидуа до индивидуа, а има и такви кои не чувствуваат симптоми пред да бидат дијагностицирани со оваа болест. Во Македонија, во просек, дијабетесот се открива од 3 до 5 години откако ќе настапи болеста. Сепак, постојат неколку симптоми кои често се забележуваат кај луѓе со дијабетес. Такви симптоми се зголемена жед, зголемена потреба за уринирање, постојано чувство на умор и неочекувано губење на телесната тежина.

Симптомите на дијабетес се појавуваат бидејќи телото не ги користи внесените шеќери како извор на енергија и тие целосно или делумно остануваат во крвта. За да се намали нивото на шеќер во крвта, телото пробува да го отстрани вишокот гликоза преку урината, со што се зголемува потребата за уринирање и предизвикува зголемена жед.

rani dijabetes simptomi

ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА РАНИ СИМПТОМИ НА ДИЈАБЕТЕС

Симптомите на дијабетес се разликуваат во зависност од типот на болеста, но неколку типични симптоми се:

  • Зачестено уринирање. Зачестеното уринирање е еден од главните показатели за дијабетес. Кога нивото на шеќер во крвта е зголемено, бубрезите излачуваат поголемо количество на урина, со цел да го ослободат телото од вишокот шеќери.
  • Зголемена жед и сува уста. Зголемената жед и сувата уста се поврзани со зачестената потреба за уринирање. Овој симптом луѓето често го асоцираат со топло време или недоволен внес на вода. Но, ако жедта е постојана и е во комбинација со често уринирање, тогаш може вашето тело да ви кажува дека не произведувате доволно инсулин.
  • Сува кожа. Луѓето кои се соочуваат со дијабетес имаат потешкотии во одржувањето на влажноста на кожата. Ако приметите дека вашата кожа е сува, особено стапалата, внимавајте и на други симптоми на дијабетес за да можете да ја препознаете болеста.
  • Смалена способност на телото за зараснување рани на кожата. Зголеменото ниво на шеќер во крвта може да влијае врз способноста на телото за зараснување рани на кожата. Ова е особено опасно ако се уште не сте дијагностицирани со дијабетес, бидејќи дијабетесот може да предизвика оштетување на нервите. Кога нервите се оштетени, помала е веројатноста да ги почувствувате исечениците, гребаниците или појавата на други рани, а со тоа се зголемува можноста за развој на инфекција на погоденото место.
  • Заматен вид или проблеми со очите. Заматен вид, губење на видот или гледање црни дамки се едни од раните симптоми на дијабетес. Сепак овие симптоми може да бидат предизвикани и од нарушување на видот, па затоа најдобро е да се консултирате со доктор специјалист.
  • Нагло слабеење. Наглото слабеење, особено кога не сте на диета е индикатор дека нешто не е во ред со вашето здравје. Направете дополнителни тестирања за да ја откриете причината која некогаш може да биде појава на дијабетес.

ДОПОЛНИТЕЛНИ СИМПТОМИ ЗА РАЗЛИЧНИ ВИДОВИ НА ДИЈАБЕТЕС

Освен честите симптоми на дијабетес, можно е развивање и на други симптоми во зависност од видот на болеста.

ДИЈАБЕТЕС ТИП 1 СИМПТОМИ

Симптомите на дијабетес тип 1 може да се развијат за само неколку недели или месеци. Дополнителни симптоми на дијабетес може да бидат:

  • Гадење
  • Повраќање
  • Болки во стомакот
  • Здив на ацетон
  • Отежнато дишење

Овие симптоми се поврзуваат со дијабетична компликација наречена кетоацидоза и може да бидат животно загрозувачки.

H3: ДИЈАБЕТЕС ТИП 2 СИМПТОМИ

Најчесто, потребни се неколку години за да се развијат симптомите на дијабетес тип 2. Некои луѓе може да не ни забележат некакви симптоми. Бидејќи тие не се нагли и интензивни како кај пациентите со дијабетес тип 1, многу е важно да ги знаете ризик факторите кои може да влијаат за појавување на болеста. Вакви фактори се:

  • Покачено ниво на шеќер во крв или преддијабетес
  • Зголемена телесна тежина
  • Претходни заболувања во семејството
  • Недоволна физичка активност
  • Дијагностициран гестациски дијабетес

СИМПТОМИ НА ГЕСТАЦИСКИ ДИЈАБЕТЕС

Гестацискиот дијабетес најчесто не е проследен со симптоми. Доколку сте бремени, вашиот доктор треба да ви направи тест за дијабетес помеѓу 24та и 28та недела од бременоста, за рано откривање на болеста. Гестацискиот дијабетес може да биде индикатор за заболување од дијабетес тип 2 во подоцнежните години.

КАКО ДА ГО ОТКРИЕТЕ ДИЈАБЕТЕСОТ?

Дијабетесот се дијагностицира со помош на тестови кои го одредуваат нивото на шеќер во крвта. Постојат четри вида на тестови:

  • Тест за гликоза во крв на гладно. При овој тип на тестирање потребно е пациентот да не јаде и пие ништо освен вода 8 часа пред спроведување на тестот. На овој начин вашиот доктор ќе може да го види почетното ниво на шеќер во крвта кое не е пореметено поради внес на храна.
  • Случајно откриен покачен шеќер. Овој тест може да се спроведе во било кое време, без разлика дали сте јадени или не.
  • HbA1C тест или тест за гликозиран хемоглобин. Овој тест се изведува со посебен апарат кој помага за одредување на тромесечен шеќер во крв, односно просечното ниво на гликоза во текот на изминатите три месеци.
  • OGTT (орален гликоза толеранс тест). Овој тест се користи за утврдување на латентен или скриен шеќер и за утврдување на гестациски дијабетес или дијабетес кај трудници.

Еден пациент се дијагностицира со дијабетес кога во два наврати е измерена гликемија над 7.0mmol/L.

КАКО ДА ГО КОНТРОЛИРАТЕ ДИЈАБЕТЕСОТ?

Следење на нивото на шеќер во крв е важно за да утврдите дали вашиот моментален план за лекување е ефикасен. Врз база на резултатите вашиот доктор ќе ви одреди соодветна терапија за да го донесете шеќерот во рамки на прифатливо ниво за вас. Дијабетесот најчесто се контролира со помош на орални лекови за дијабетес и инсулински инекции.

За одрживање на оптимално ниво на шеќер во крвта и менаџирање на дијабетисот најважно е да следите здрав режим на исхрана подготвен од нутриционист и доктор специјалист, како и редовна физичка активност која ја подобрува осетливоста на ткивата, мускулите на инсулин.

ДИЕТАТА КАКО ПРЕВЕНЦИЈА ОД ДИЈАБЕТЕС: ИЗГОТВУВАЊЕ НА РЕЖИМ НА ИСХРАНА ВО СРЦЕ – ЦЕНТАР ЗА ВНАТРЕШНИ БОЛЕСТИ

Дебелината се смета за една од најчестите причини за појава на дијабетес тип 2. Затоа намалувањето на тежината е многу важно во превенција од оваа болест. Во Срце – Центар за внатрешни болести изготвуваме персонализиран план на исхрана, креиран од нутриционист и доктор специјалист, кој ќе ви помогне во превенција од дијабетес, како и негово менаџирање.

Доколку почувствувате некој од горенаведените рани симптоми на дијабетес, закажете преглед и тестирање, како би ви помогнале во рано откривање и успешно контролирање болеста.

Search

+