ПРЕВЕНЦИЈА (ВАКЦИНАЦИЈА) ПРОТИВ ПНЕВМОКОКНА БОЛЕСТ
Пневмококната болест е термин кој се користи за болести предизвикани од бактеријата стрептококус пнеумоние, познат како пнеумокок. Streptococcus pneumoniae (pneumococcus) е грам-позитивна бактерија која предизвикува широк спектар на болести кај луѓето.
Според капсуларниот антиген, разликуваме повеќе од 90 пнеумококни серотипови кои имаат различна вирулентност, преваленца и антимикробна чувствителност. Кај возрасната популација највирулентни типови се: 1, 3, 4, 6B, 7F, 9V, 11A, 14, 15C, 19A и 19F.

СЕРИОЗНИ БОЛЕСТИ КОИ МОЖЕ ДА ГИ ПРЕДИЗВИКА ПНЕУМОКОКОТ
Болести кои може да ги предизвика пнеумококот се:
- Пневмонија
- Менингитис
- Фебрилна бактериемија
- Воспаление на средно уво (отитис медиа)
- Бронхитис
- Воспаление на синусите (синузитис)
Болестите како пневмонија, менингитис и фебрилна бактериемија може да бидат животно загрозувачки, додека другите обично се поблаги манифестации на болеста предизвикани од пнеумокок.
Пневмонија се смета за најчеста клиничка манифестација на пнеумококната болест кај возрасните, додека отитис медиа е најчеста клиничка манифестација на пнеумококната болест кај децата.
Присуството на бактерии не значи дека секогаш мора да предизвикуваат болест. Бактериите може да биде присутни само во назална слузница на деца и возрасни, како нормален жител на мукозната мембрана на фаринксот и усната шуплина од каде може да се прошири и да се насели на слузокожата на носната шуплина. Дури и кај третина од здравите деца пнеумокок се наоѓа во фаринксот.
КАКО СЕ ПРЕНЕСУВА ПНЕВМОКОКОТ И КОИ ГРУПИ НАЈЧЕСТО СЕ ЗАРАЗУВААТ?
Пневмококот се пренесува со директен контакт со респираторните секрети на болно или здраво лице кое е носител на бактеријата. Пневмококот е предизвикувачки агенс на цела серија на заразни болести кои првенствено ги погодуваат децата, а потоа и луѓето од третото доба.
За деца до 5 години пневмококот е најважната бактерија која може да предизвика болест. Кај деца постари од 5 години години, пневмококните инфекции се поретки, но тоа не значи дека не се разболуваат. Пневмокок повторно станува позначајна причина за инфекции на возраст над 65 години, а причината за тоа е слабеење на природниот имунитет.
Во развиените земји тешките форми на болеста се јавуваат главно кај деца под двегодишна возраст и кај постарите лица. Послабиот имунолошки систем ја зголемува можноста за инфекција и развој на болестите во двете наведени старосни групи, деца до 2 годишна возраст (кои се имунолошли незрели) и луѓе над 65 години (ослабен природен имунитет и присуство на коморбидитети).
ЗОШТО ТРЕБА ДА СЕ ВАКЦИНИРАМЕ?
Сè почеста се среќаваме со пневмококната отпорност на конвенционалните антибиотици, што дополнително бара наоѓање други ефективни методи за контрола на пневмококната болест, како што се вакцините.
Податоците укажуваат на сезонската појава на болеста, односно на бројот на пациенти со инвазивна форма на болеста. Пневмококната болест го достигнува својот врв во зимските месеци (од декември до февруари). Факторите на животната средина пример како вирусна инфекција од грип може да го зголемат ризикот од развој на инвазивна пневмококна болест или пневмококна пневмонија.
Ризикот од пневмококна пневмонија и инвазивна пневмококна болест (ИПВ) е зголемен кај децата на возраст под 5 години и возрасни над 65 години, односно кај оние со хронично белодробно заболување, кај оние со болести на срцето, црниот дроб и бубрезите и состојби на имунодефициенција.
Пневмококната пневмонија и ИПБ може да се спречат со вакцинација, која е многу ефикасна стратегија за јавното здравје бидејќи може да ја намали појавноста на заболувањето и со тоа да ги намали трошоците за лекување.
ТИПОВИ НА ВАКЦИНИ ПРОТИВ ПНЕВМОКОКИ
Постојат два основни типа на вакцини против пневмококи:
- Полисахаридна, конњугирана вакцина против пневмокок која штити од 13 типа (Prevenar 13)
- Полисахаридна вакцина против пневмококи која штити од 23 типа (Pneumovax 23).
Високо ризичните лица со нарушен имунолошки систем и лицата кои немаат слезина треба да ги примат двете вакцини. Вакцинацијата кај возрасните ја намалува појавноста на болеста во инвазивна форма на пневмококна пневмонија. Спроведување активна имунизација за превенција/спречување од пневмококни заболувања е особено важна посебно кај пациенти со висок ризик. Вакцинацијата е задолжително за децата од 2019 година.
Исто така таа имунизацијата е потребна за возрасни лица и за одредени групи пациенти:
- пациенти со отстранета слезенка или српеста анемија
- пациенти со примарни нарушувања на смален имунитет, имунодефициенција
- пациенти со ХИВ инфекција
- пациенти со цврсти или хематолошки тумори
- пациенти кои се подложени на трансплантација на хематопоетски матични клетки
- кандидати за трансплантација на цврсти органи и приматели на такви органи
- пациенти со терминална фаза на заболување на срцето,црниот дроб, бубрезите или белите дробови
- пациенти со хронична инфламаторна болест кои примаат имуносупресивна терапија
- кандидати за вградивање на вештачка кохлеа.
Здравите луѓе развиваат добар имунолошки одговор/имунитет на повеќето подтипови на бактеријата(пнеумокок)по 2-3 недели од примање на вакцината.
Вакцината кај возрасни се дава еднократно, но штити доживотно!
Кај децата пневмококната вакцина може да се дава истовремено со вакцините во редовниот распоред за вакцинација.
ПРИЈАВУВАЊЕТО ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП ЗА ЛИЦА КОИ СЕ ХРОНИЧНО БОЛНИ И СЕ ПОВОЗРАСНИ Е ВО ТЕК. ТАА ТРЕБА ДА СЕ ИЗВЕДЕ ПОМЕЃУ 15 ОКТОМВРИ И 15 НОЕМВРИ.
Др Нина Николова, Доктор на медицина